Линкови за пристапност

Трибина за иднината на Србија - 2003-12-09


Во 2000 година, Србите се кренаа да го соборат авторитарниот лидер, Слободан Милошевиќ, кој започна војна на Балканот, во исто време задушувајќи ја опозицијата дома.

Тоа беше полесниот дел, вели Обрад Кесиќ од консултантската фирма TSM Global Consultants:

“Денот по неговото заминување речиси да немаше консензус за тоа што треба да е следното. Тоа можеше да се види во секоја позначајна област во Србија. Последните три години тешко е да се идентификува кохерентна цврста политика за што ќе може да кажете дека е политика на Србија по прашања како - што ќе се случи со здружената држава, со Црна Гора. Треба ли да биде федерација? Треба ли да биде конфедерација? Или независна? Треба ли Србија да се одвои од заедничката држава?“, параша господинот Кесиќ.

Господинот Кесиќ вели дека во потегот за соборување на господинот Милошевиќ Србите направиле компромиси кои сега ја компликуваат ситуацијата, на пример, монархисти во коалиција о антимонархисти. Има голема политичка некохерентност.

Тука е и продолжителното влијание на поддржувачите на Милошевиќ или барем на оние кои се согласуваат со неговата визија за Голема Србија. Радикалната партија останува тежок залак за варење од српскиот политички блок, вели Јануш Бугајски, директор на Источно-европскиот проект во Центарот за стратешки и меѓународни студии.

“Силната позиција на ултранационалистите во неодамна неуспешно одржаните претседателски избори индицира потенцијални опасности што претстојат. Акцијата за стопирање на криминалот по убиството на премиерот Зоран Џинџиќ зборува за распространетоста на организираниот криминал и упорната поврзаност на криминалот и политиката. Нема потреба да се посочува на соседите како извор на проблеми кога има толку многу домашна работа што треба да биде завршена“, смета господинот бугајски.

Изборот на следните избори е меѓу реформа и антиреформа, вели Даниел Сервер, директор на програмата Балканска иницијатива во Институтот за мир.

“Радикалите во Србија се уште се надвор од спектарот на модернизација наспроти традиционалисти. Тие навистина сакаат да ја вратат Србија назад. Мислам дека е зачудувачки што на овие избори се уште има лица по кои е издадена потерница од Хашкиот трибунал. Мошне е вознемирувачки, бидејќи еден или двајца од нив може да освојат силни гласови“, кажа господинот Сервер.

Штетата што Радикалите можат да ја нанесат треба да биде правилно разбрана, вели господинот Сервер, посочувајќи на атентатот на демократски ориентираниот премиер Зоран Џинџиќ во март.

Основниот проблем, вели господинот Кесиќ, е што Србите не се сигурни што треба да биде нивната држава. Денешните поделби се одраз на историјата на поделби во која еден по друг се менувале режимите со остро спротивставена природа.

“Што е Србија? Дали е тоа главно левоориентирана држава која учи од сопствената историја на социјалистичка федеративна република во Југославија и искуствата од социјализмот? Или Србија потекнува од анти-комунистичката традиција што ја има во традиционалното српско општество кое е зачувано во црквата, и што се гледа во националистичките движења?“, вели господинот Кесиќ.

Едно од прашањата што ја поларизира државата без помирување на видикот е Хашкиот Трибунал, каде српските лидери обвинети за воени злосторства се изведени на суд. Поранешниот српски генерал Станислав Галиќ штотуку доби затворска казна од 20 години за улогата во 44 месечната опсада на Сараево.

Правдата мора да се задоволи, но не на овој начин, вели Обрад Кесиќ. Таа се одзема од Србите кои остануваат пасивни набљудувачи наместо учесници во процесот.

“Хаг всушност е одвраќач на стабилизацијата во регионот и одвраќач од градењето на помирување. Тоа што го имаме во Хаг е процес организиран од меѓународната заедница. Нема сопственост на тој процес кај локалното население. Овој суд е сосема туѓ за нив“, вели Кесиќ.

Но, нема друга алтернатива, вели Даниел Сервер. Српските воени криминалци не треба да ги суди српски суд.

Што се однесува на иднината на Србија, Јануш Бугајски гледа промена во климата на размислување што би можело да доведе до демократска консолидација и избегнување на политичко уназадување.

“Некои сектори во српската елита верувам дека сфаќаат оти на земјата и треба појасно да биде дефиниран нејзиниот идентитет, територијалниот опсег и нејзината административна надлежност и да се откаже од илузиите за некаква регионална доминација ако сака да биде прифатена од европското и трансатлантското семејство“, кажа господинот Бугајски.

Прифаќањето од тоа семејство, додава господинот Бугајски, ќе придонесе за реформите кои се во тек во Србија.

XS
SM
MD
LG