Линкови за пристапност

Најнови вести, 9 декември - 2003-12-09


Македонија – студентски протести

Околу 2.000 студенти во Македонија денеска протестираа пред Парламентот против владината одлука за признавање на етнички албанскиот парауниверзитет. Студентите денеска протестираа во Скопје, извикувајќи слогани против одлуката за државно финансирање на оваа образовна институција на албански јазик. Некои бараа и оставка од министерот за образование Азис Положани и од премиерот Бранко Црвенковски. Македонскиот Парламент расправа по законот за финансирање на оваа високообразовна институција, која започна со работа во Тетово во 90-тите години.

Ирак-експлозии

Една џамија во Багдад и две американски бази во Ирак денеска биле цел на одделни експлозии. Во првата експлозија загинале три цивили, а се случила веднаш по утринската молитва во џамија на Суните. Неколку часа подоцна, бомбаш самоубиец дигнал во воздух автомобил пред портите на американска база во северен Ирак, и притоа се повредени 58 американски војници. Друг бомбаш самоубиец активирал експлозив пред американска база северно од Багдад, но никој друг не бил повреден. Денеска мал воен хеликоптер имал, како што е соопштено, тешко слетување во близина на Фалуџа, но никој не бил повреден. Сведоци изјавија дека е можно хеликоптерот да бил погоден од граната со пропелер.

НАТО-Ирак

Генералниот секретар на НАТО Џорџ Робертсон вели дека Алијансата веројатно нема да ја прошири својата улога во Ирак, додека се фокусира на проширување на мировничката улога во Авганистан. Г-динот Робертсон за Британското радио денеска изјави дека некој период наредната година можно е НАТО да има поголема улога во Ирак. Во моментов има околу 5.700 мировници на Алијансата во Авганистан, додека во Ирак НАТО обезбедува само логистичка поддршка за трупите. Генералниот секретар кажа и дека несогласувањата околу Ирак во редовите на Алијансата, особено меѓу САД и европските земји, почнуваат да исчезнуваат.

Воена операција во Авганистан

Американските војници започнаа воздушен напад во источен Авганистан во рамките на новата операција, што ја армијата ја нарекува “Операција Аваланч“. Според извештаите од Кабул ова е најголема американска операција во Авганистан по паѓањето на талебанската власт пред две години. Портпарол на американската армија изјави дека трупите биле пренесени со хеликоптери во областа источно од Кост, во близина на границата со Пакистан. Тој кажа дека американските сили се обидуваат да ги блокираат бунтовниците долж границата. Американските и авганистанските претставници долго време се жалеа дека талебанските бунтовници и нивните сојузници од ал-Каида бегаат преку планините на границата во Пакистан откако ќе извршат напади.

Кина-САД

Претседателот Буш изјави дека Белата куќа се противи на секаков обид на тајванскиот претседател кон независност на островот. Г-динот Буш ова го соопшти на денешната прес-конференција со кинескиот премиер Вен Џијабао по нивната средба во Белата куќа. Тајван ја презеде управата во свои раце во 1949 година, но Кина го смета островот за сепаратистичка провинција. Господинот Вен ги поздрави ставовите на претседателот Буш и го критикуваше планот на тајванскиот претседател Чен Шуи Бјан за одржување референдум на кои од гласачите ќе се побара да се изјаснат дали од Кина да се побара да престане со заканите кон островот. Во однос на Северна Кореја, г-динот Буш кажа дека САД и Кина имаат исто цели за ослободување на корејскиот полуостров од нуклеарното оружје.

Израел-безбедносна ограда

Израел вели дека ќе ја брани изградбата на безбедносната ограда на Западниот брег доколку овој проект го истражува Меѓународниот суд на правдата. Портпаролот на премиерот Шарон, Ранан Гисин кажа дека Израел ќе му каже на судот оти бариерата е неопходна за самоодбрана. Меѓутоа Израел го осуди вчерашното гласање во генералното Собрание на ОН со кое се бара од Меѓународниот суд да ја испита легалноста на овој проект. Еден израелски министер пак кажа дека Кабинетот треба да размисли за промена на насоката на бариерата. Израел вели дека оградата е потребна како заштита од терористите, но Палестинците велат дека е обид на Израел да ја присоедини нивната територија.

Хрватска – Влада

Хрватскиот претседател Стипе Месиќ му го додели мандатот за формирање влада на лидерот на Хрватската демократска заедница Иво Санадер. Националистичката партија на г-динот Санадер освои најголем број места во парламентот по минатомесечните избори. Таа во моментов има 66 пратеници, но се уште и е потребна поддршка од другите партии за достигнување мнозинство во Парламентот со вкупно 152 пратенички места. Се очекува г-динот Санадер на 22 декември пред парламентот да го презентира составот на кабинетот. Мандаторот на новата хрватска влада денеска изјави дека негови приоритети ќе бидат зголемување на животниот стандард, членството во НАТО и ЕУ и решавање на тнр. отворени прашања со соседните земји.

XS
SM
MD
LG