Четириесет и деветото Парламентарно собрание беше последно за Лордот Џорџ Робертсон како генерален секретар. Таму тој објави дека Алијансата стои добро. Но колку навистина НАТО е здрава и релевантна организација денеска? Тоа беше главното прашање пред тристотините делегати кои се собраа во Орландо да расправаатза влијанието на војната во Ирак на трансатлантските односи и за новиот вид на терористички закани.
Северноатланската Алијанса беше создадена во Студената војна за да спречи можна инвазија од Советскиот сојуз. Денеска примарната мисија на НАТО останува колективната одбрана, но таа се проширува кон исток. Уште седум нови држави се планирани да се приклучат следната година и тоа ќе биде петто и најголемо проширување во историјата на НАТО. Тоа ќе придонесе и за големи структурни промени во организацијата – 40 проценти од членството ќе го сочинуваат поранешни комунистички држави.
НАТО исто така разви и специјални односи со Русија и со Украина, а интензивно работи и со земјите од Кавкаскиот регион и Централна Азија кои активно придонесуваа во војната против тероризмот.
Учеството на НАТО во Авганистан беше неговата прва операција надвор од Европа. Меѓутоа, инвазијата на Ирак предводена од САД ја подели алијансата. Некои критичари од двете страни на Атлантикот во тоа гледаат дефинитивен крај на организацијата која од падот на Берлинскиот ѕид се обидува да се најде себе си.
Генералниот секретар на НАТО не се согласува.
„Вистината е дека ние имаме уникатно партнерство родено во заедничката филозофија на слобода и демократија. Партнерство зацврстено во полувековната борба против тиранијата, партнерство кое стои како светилник во светот соочен со екстремизам и нестабилност, светилник на демократијата, толеранцијата, плурализмот, отвореноста и искреноста“, рече тој.
Подеднакво застапена тема на конференцијата на НАТО беше планот на Европската Унија да го развие својот воен огранок. Претседателот на Собранието, конгресменот Даг Биројтер вели:
„Се повеќе се чини дека ЕУ дуплицира многу од механизмите, средствата, одговорностите и мисијата на НАТО. Најконтроверзен е предлогот на Унијата во Уставот што е во подготовка, дека ЕУ станува заедничка одбранбена организација, што е се разбира, најважната причина за формирањето на НАТО“, истакна г-динот Биројтер.
НАТО ја охрабрува ЕУ да се насочи на постоечките Сили за брза реакција наместо да развива нов одбранбен систем. Овие сили се ограничени на 60 илјади војници и брзо можат да бидат распоредени во кризни подрачја, мировни мисии и спасувачки и хуманитарни реакции. Освен тоа, според таканаречениот договор Берлин Плус, ЕУ може да користи елементи на НАТО кога Алијансата во целина реши да не се ангажира.
До сега два пати ЕУ имала шанса да ги тестира своите воени сили: еднаш во Македонија, каде го замени НАТО во мировна мисија по меѓуетничкиот конфликт во земјата, и втор пат во Конго, каде спречи ескалација на граѓанскиот судир. Европската Унија планира преземање на мировната мисија во Босна по заменувањето на НАТО, што е веројатно уште во 2004 година.
Постојаниот претставник на САД во НАТО, амбасадорот Николас Брнс наведува уште еден аргумент против развивањето на армијата на ЕУ.
„Има ли милијарди евра на располагање за изградба на целосен армиски апарат што би поддржал автономни операции? Според наше мислење автономни операции како онаа во Конго ќе бидат ретки, а многу почесто ќе се случуваат операции како македонската, каде ЕУ користи ресурси на НАТО. ЕУ исто така веќе кажа дека ако оди во Босна, тоа нема да биде автономно, туку според Берлин Плус. Дали ЕУ навистина треба да има повеќе седишта или повеќе способности? Ние мислиме дека одговорот е второто“, смета амбасадорот Брнс.
НАТО нема проблем со ограничени воени операции на ЕУ. Дури напротив, се верува дека тоа ќе ги зајакне и НАТО и Европа. Сепак аспирациите што ги покажува ЕУ ги надминуваат прифатливите рамки за НАТО. Да се надмине проблемот очигледно ќе биде потребно многу дипломатија и желба за компромис.