Линкови за пристапност

Четириесет години од убиството на Џон Ф. Кенеди - 2003-11-21


20-ти јануари 1961 година. Новиот американски претседател Џон Ф. Кенеди е инаугуриран и започна новата ера во американската политика.

„Од овој момент и од ова место, светот нека оди напред, од пријател и до непријател, како што факелот се пренесува на новите генерации Американци“, порача претседателот Кенеди.

Неполни три години подоцна, претседателот Кенеди отпатува во Тексас, со надеж дека ќе ги обедини демократите пред неговата кандидатура за реизбор во 1964 година.

Насобраните беа попријателски расположени од очекуваното, додека претседателската колона од возила минуваше низ центарот на Далас.

„Ова е билтенот на Си Би Ес Њуз. Во Далас, Тексас беа испукани три куршуми кон колоната на претседателот Кенеди во центарот на Далас. Според првите извештаи, претседателот Кенеди е сериозно повреден“.

Известувачот на Радио Далас, Рон Џенкинс објаснува што се случило потоа. „Претседателскиот автомобил минуваше покрај нас. Ние знаевме дека тоа е претседателското возило. Можевме да го видиме розовиот костум на г-ѓа Кенеди. На врвот на автомобилот имаше агент за безбедност кој ја следеше ситуацијата. Дознавме дека гувернерот на Тексас и г-ѓа Конели се наоѓаат во автомобилот заедно со претседателот и г-ѓа Кенеди. Ние не можевме да видме кој е погоден, доколку некој навистина беше погоден, но нешто очигледно не беше во ред. Нешто страшно се случуваше“.

Вестите од пукањето испратија бранови на шок низ целата земја и низ светот. Кусо време потоа, најужасните стравување се остварија. „Веста од Далас, Тексас, очигледно официјална, е дека претседателот Кенеди починал во еден часот попладне по централно време. Потпретседателот Линдон Џонсон ја напуштил болницата, но не знаеме каде се упатил. Претпоставуваме дека тој набрзо ќе даде заклетва и ќе стане 36-тиот претседател на САД“, гласеа медиумските извештаи.

Вечерта, претседателскиот авион се врати во Вашингтон и новиот претседател Линдон Џонсон за првпат им се обрати на Американците.

„Знам дека светот ја споделува тагата на г-ѓа Кенеди и нејзиното семејство. Ќе дадам се од себе. Тоа е се што можам да направам. Ќе ја побарам вашата помош и помошта од Бога“, изјави новоинаугурираниот американски претседател.

Во Далас, пак, полицијата го уапси Ли Харви Освалд и против него поднесе обвинение за убиство на претседателот.

Освалд: Овие луѓе ме сослушуваа без правен застапник, без никого. Известувачот: Дали пукавте во претседателот? Освалд: Не сум пукал во никого. Не господине.

Два дена подоцна, Освалд беше застрелан од страна на сопственик на ноќен клуб во Далас, Џек Руби, што се случи пред телевизиските камери кои вршеа пренос во живо.

Известувачот Ајк Папс бил присутен во моментот на убиството. „Еве го затвореникот. Дали имате да кажете нешто во ваша одбрана? Освалд е погоден! Освалд е погоден!“

Десетмесечната истрага за убиството што ја водеше шефот за правда на Врховниот суд, Ерл Ворен во 1964 година заклучи дека Ли Харви Освалд немал соучесници во убиството на претседателот Кенеди. Но, истражувањата на јавното мислење со години индицираат дека Американците и натаму веруваат оти убиството е резултат на заговор кој допрва треба да се открие.

Настрана од прашањата за смрта на Џон Кенеди, она што тој го остави зад себе и натаму е предмет на жива дебата.

Во истражувањата тој и натаму е на врвот на листата на претседатели кои Американците ги обожаваат.

Биографот на Кенеди, Роберт Далек вели дека знае и зошто.

„Постои чувство дека Кенеди беше човек што ветуваше многу и кој беше прекинат во тоа. Но нацијата се држи до него, како некој кој ветуваше се најдобро за Америка и за светот“, вели гпдинот Далек.

За другите, вечниот придонес на Кенеди беше неговиот повик за служење на нацијата, упатен за време на инауграцијата во 1961 година.

„Мои сограѓани Американци, не прапувајте што вашата држава може да стори за вас. Прашајте се што вие можете да сторите за вашата држава“, рече г-динот Кенеди.

Алан Лихтман е експерт за историјата на претседателите при Американскиот универзитет во Вашингтон.

„Џон Ф. Кенеди беше претседател што ги проби клишеата. Навистина, ниту пред него ниту потоа, ниеден претседател во ерата на телевизијата немаше моќ да ги инспирира Американците да ја стават својата држава пред сопствените интереси“, смета тој.

Имиџот на Кенеди со текот на годините на некој начин беше нарушен со откривањето на неговата склоност кон жените и големиот број здравствени проблеми што биле криени од јавноста.

Но спроти тоа, како рамнотежа, авторот Роберт Далек вели дека наследтсвото од Кенеди и натаму е многу инспиративно, поради оптимизмот што Џон Кенеди го ширел за време на својот живот.

„Дали тој беше голем претседател? Мислам дека не можете да кажете такво нешто бидејќи тој на оваа функција беше кусо време. Но тој на нацијата навистина и даде нешто што никогаш нема да исчезне, а тоа е еден вид поврзаност со него како личност што дава надеж, како некој кој, доколку беше жив, од САД ќе направеше подобра земја и од светот подобро место за живеење. И тоа е навистна извонредно наследство што еден претседател ќе го остави зад себе“, истакнува Далек.

Доколку беше жив, Џон Кенеди тој ќе имаше 86 години.

XS
SM
MD
LG