Линкови за пристапност

Робертсон: „Македонија мина низ најлошиот дел од своите неволји и тоа го стори на извонреден начин“ - 2003-11-12


-Господине Робертсон, кој е вашиот став за конечниот статус на Косово и како тој би влијаел на соседните земји?

Робертсон: Пред да почнеме да зборуваме за конечен или каков и да е статус, треба да зборуваме за стандарди на Косово. Ние не сме во фаза да говориме за иднината на поредокот на Косово, но она за што треба да зборуваме, а и она за што Приштина и Белград треба да разговараат и да постигнат согласност е за електричната енергија, транспортот, за враќањето на бегалците, за елементарни прашања што се однесуваат на луѓето од Косово. Еднаш кажав во Косово, и ќе повторам – не може да јадете устави, така што луѓето очекуваат дека нивното раководство во Косово да реши некои од овие основни прашања што предизвикуваат загриженост кај народот, за потоа да се дојде до прашањето за конечниот статус.

-Доколку НАТО трупите си заминат од Босна до 2004-та, како што се предвидува, дали сте убедени дека ЕУ ќе може да ја преземе контролата, земајќи го предвид нејзиното ограничено искуство во Македонија?

Робертсон: Не се донесени никакви одлуки за ставање крај на СФОР и заминување на НАТО од Босна и Херцеговина, но доколку тоа се случи, тоа би го сториле само доколку која и да е друга организација, вклучувајќи ја тука и ЕУ, биде исто толку бројна, силна и корисна како што НАТО беше во минатото. Ќе ги продолжиме разговорите, особено со централната влада на Босна и Херцеговина, која мора да биде вклучена во оваа дискусија, за да гарантираме дека и натаму ќе има присуство што е релевантно и важно, во земја која веќе се оформува како мултиетничка демократија.

-Дали сметате дека Македонија е подготвена да ги преземе своите обврски и предизвици, како што тоа го инцидираше нејзиното раководство?

Робертсон: Македонија мина низ најлошиот дел од своите неволји, и тоа го стори на извонреден начин. Тоа е една од успешните приказни на Балканот во историјата. Ќе биде потребно политичко лидерство, и на мнозинската и на малцинските групи во општеството да се придвижат нанапред во европските текови, оставајќи ја кризата зад себе. Луѓето од Македонија заслужуваат да имаат добра иднина во главните текови на Европа, многу попросперитетна иднина од онаа што ја имаа досега. Убеден сум дека политичкото лидерство во коалиционата влада во Македонија е посветено на стабилноста, на имплементација на Охридскиот договор, како и на тоа да се обезбеди Македонија да стане главен, значаен чинител во Европа.

-Ја напуштате функцијата генерален секретар во мошне интересен момент за НАТО, кога се трансформираат старите а се воспоставуваат нови партнерства. Каде ја гледате Југоисточна Европа во сето тоа, и каде го гледате тој регион во 2006-тата?

Робертсон: Ја гледам Југоисточна Европа како дел од решението, а не како дел од проблемот. Сега сме сведоци на тоа дека трупи од Југоисточна Европа започнуваат да работат со НАТО на операции во странство и се надевам дека ќе видиме многу повеќе од истото во иднина. Ова е дел од светот што имаше корист од НАТО, корист од вклученоста на меѓународната заедница. Сега е време да дадат нешто за возврат, и да започнат да придонесуваат во други области каде е потребна нивната експертиза, нивното искуство и нивните војници.

XS
SM
MD
LG