„Македонија во моментов е во тешка положба и треба да биде поддржана во она што го прави. Интеграцијата е единствениот начин за напредок“, истакна Бери Вуд, новинар од Гласот на Америка и стручњак за источно-европски прашања,во вчерашното излагање во Вудро Вилсон Центарот во Вашингтон.
Во обраќањето на тема: Неразрешени прашања кои ја комплицираат интеграцијата со Запад – Извештај за напредокот на Балканот, г-динот Вуд, чија експертиза е меѓународната економија, ги издвои проблемите кои ја забавуваат интеграцијата на балканските држави и сугерираше начини за надминување на пречките.
Г-динот Вуд верува дека во Македонија има процес по нагорна линија, иако бавен, и дека се оди кон развивање на идентитет кој е задоволувачки како за Македонците, така и за етничките Албанци во земјата. Изборите се добро изведени, вели тој, но проблем е што Владата бавно го имплементира Рамковниот договор. Како посебно отежнувачки фактори за напредокот тој ја издвои слабата економија и невработеноста. Г-динот Вуд потенцираше дека Македонија и натаму е регионален играч кој прилично зависи од она што ќе се случи во остатокот на регионот.
Бери Вуд е убеден дека интеграцијата е единствено решение за Македонија, истакнувајќи го значењето на проектот за изградба на Коридорот 8. Во економска смисла, преку патиштата и нафтоводот од овој проект, Македонија многу ќе добие, вели тој, иако останува скептичен за влез на Македонија во Европа и НАТО во блиска иднина.
„Македонија е во тешка положба. Охрид е единствениот начин за напредок, политичарите го одобруваат постигнатиот договор. Македонија треба да биде поддржана во она што го прави. Поделбата нема да функционира таму. Кога се споменува поделба, не е само Тетово да стане албански дел, тоа економски нема ништо да направи, низ планините нема патишта. Нема да има напредок доколку постои зависност од странска помош. Коридорот 8 нуди надеж за сите три земји, Албанија, Бугарија и Македонија. Се надевам дека ќе се изгради. Коридорот 10 можеби е уште поважен. Би сакал да бидам, но се уште не сум оптимист за скорешно членство на Македонија во евро-атланските структири“, рече г-динот Вуд.
Во забелешките за останатите земји од регионот, г-динот Вуд ја спомена важноста на економската активност на Грција во Македонија, но подвлече дека проблем е што грчката инвестиција сама по себе не може да ја подигне Македонија, а да не споменуваме, вели тој, дека на политички план, спорот со името се уште не е решен.
Господинот Вуд рече дека не верува дека борбите на Косово ќе се обноват, но посочува на опасноста од солуцијата за менување на границите, што некои политичари не го исклучуваат како можност.
Што се однесува на Србија, господинот Вуд гледа напредок кон интеграција со Западот, но вели дека од особено значање ќе бидат следните парламентарни избори. Од друга страна за Црна Гора тој рече дека не гледа убава иднина, додека на Босна и Херцеговина господинот Вуд и предвидува долго егзистирање како протекторат.
Проблемите на државите од овој дел на светот мора да се надминат внатрешно, вели господинот Вуд додавајќи дека, сепак, проектот на ЕУ нема да биде комплетен додека Балканот не биде вклучен во него.