Ирак
Во централен Багдад избувна пожар по голема експлозија, само неколку часа откако ОН соопштија дека го повлекуваат својот персонал од главниот град на Ирак од безбедносни причини.
Полицијата соопшти дека загинал еден Ирачанец, а неколкумина биле повредени во експлозијата, за која се уште не е познато од што била причинета. Американски војници и ирачки полицајци ја блокираа областа додека пожарникарите се обидуваат да го изгаснат пожарот што зафатил најмалку две згради. Во друг инцидент, била активирана бомба во близина на возило на американската армија во Багдад. Засега нема информации за жртви или за причинетата штета. Инаку утрово ОН соопштија дека привремено ќе го повлечат странскиот персонал од Багдад по серијата бомбашки напади.
Калифорнија - Пожари
Пожарите во јужна Калифорнија и натаму беснеат на големи површини.
Огнот денеска уништи одмаралиште источно од Лос Анѓелес, а вчера беа уништени околу 300 нови домови. Еден пожарникар загина, со што бројот на жртвите порасна на 20. Властите стравуваат дека бројката ќе се зголеми. Овие пожари се смета дека предизвикале најголема штета во современа Калифорнија. Уништени се над 2.000 домови и површина од преку 250.000 хектари.
САД – Економија
Американската Влада вели дека економијата во САД растела со најбрзо темпо во последниве две децении меѓу јули и септември.
За третото тримесечје бројките за бруто домашниот производ покажуваат дека економијата пораснала за седум запирка два проценти во тој период, што е повеќе од двојно во споредба со стапката порано годинава. Брзината на економскиот растеж може да помогнала да зајакне и пазарот на работни места. Според новите податоци овој сегмент на економијата се подобрува веќе четврта недела по ред. Американската стапка на невработеност е шест запирка еден процент и е фрустрирачки висока и покарај порастот на економијата.
Русија - Јукос
Руските обвинители го презедоа контролниот пакет во најголемата нафтена компанија во Русија, Јукос.
Портпаролот на Јукос вели дека владата презела над 50 проценти од акциите во компанијата. Преземањето на акциите уследи по апсењето на раководителот на Јукос Михаил Кодорковски под обвиненија за даночно затајување и измама. Висок советник во американскиот Оддел за одбрана во интервју изјави дека Русија треба да биде исклучена од Групата 8 поради апсењето на раководителот на Јукос. Претседателот Владимир Путин денеска на Кремљ треба да се сретне со водечките странски инвеститори кои бараат објаснување за понатамошната работа. Многумина аналитичари велат дека истрагата во Јукос е реакција на поддршката што г-динот Кодорковски ја дал на политичките партии противнички на г-динот Путин.
Пакистан - Немири
Пакистанската полиција доцна синоќа го уапси лидерот на опозицијата Макдум Џавид Хашми под обвиненија за нарушување на угледот на војската о обид за поттикнување на бунт.
Поддржувачите на опозицијата протестирале против апсењето, за кое велат дека е со цел да се спречат обидите на опозицијата да го оспорува лидерството на претседателот Первез Мушараф и улогата на пакистанската армија во политиката. Г-динот Хашми е осомничен дека на еден новинар минатата недела му дал непотпишпано писмо што се однесува на армијата. Тој изјавил дека писмото го добил од некои офицери во армијата. Во писмото се критикува претседателот Мушараф и неговата поддршка на американската политика во соседен Авганистан. И Владата и Армијата сметаат дека наводите во писмото се фабрикувани.
Србија - Протести
Илјадници српски работници на вториот ден од анти-владините демонстрации денеска се упатија кон парламентот.
Но полицијата ги спречи демонстрантите да стигнат до собраниската зграда во Белград. Тие бараат владата да си поднесе оставка и да бидат распишани нови избори. Вчера околу 10 илјади работници протестираа во центарот на Белград во најголемиот протест што гои организираше синдикатот, по соборувањето на југословенскиот претседател Слободан Милошевиќ во 2000 година. Работниците се жалат на големата невработеност и стравуваат дека таа може уште да се зголемува доколку владата продолжи со приватизацијата на државните претпријатија. Во меѓувреме српските парламентарци ја започнаа расправата за доверба на актуелната реформистичка и про-западна влада и се очекува за неколку дена да гласаат.
Кина – Северна Кореја
Северна Кореја во принцип се согласила на нова рунда мултипартитни преговори за нејзината нуклеарна програма.
САД го поздравија овој потег што денеска го соопштија државните медиуми на Северна Кореја и Кина. Севернокорејските медиуми исто така сугерираа дека е можно Пјонгјанг да постави услови за одржување на преговорите. Ова уследи по разговорите што во Пјонгјанг се одржаа меѓу севернокорејскиот лидер Ким Јонг Ил и кинескиот парламентарен лидер Ву Бангуо. Не е одреден датум за продолжување на разговорите во кои се вклучени и САД, Јужна Кореја, Кина, Русија и Јапонија. Последниот круг шестпартитни разговори се одржа во Пекинг во август без да се постигне некаков напредок.