Линкови за пристапност

Повоен Ирак и израелско-палестинскиот конфликт ќе играат важна улога во претседателските избори во САД - 2003-10-28


Дискусијата, во организација на Институтот за Блиски Исток со седиште во Вашингтон, беше оддржана и покрај се поголемиот песимизам за шансите за мир меѓу Израелците и Палестинците.

Поранешниот подсекретар за одбрана, Френк Гафни вели дека Израел и натаму се соочува со огромна закана од палестинските терористички групи кои се определени за негово уништување. Ова, вели тој, мора да биде фактор во политиката за Блискиот Исток за идниот американски претседател, без разлика кој ќе биде избран.

„Особено, како што постојано ни е кажувано дека проблемот ќе се реши, доколку сториме нешто Израел да истапи со територијални концесии кон своите палестинско-арапски соседи. Тоа нема да го реши проблемот меѓу Израел и Палестинците, треба да им се дозволи сами да го трансформираат овој регион воеден вид мирољубива арена, каква што се надеваме дека ќе стане“, вели тој.

Ем Џеј Росенберг од Форумот за израелска политика исто така со седиште во Вашингтон има поинаков став. Тој даде пример дека повеќето Евреи со американско државјанство низ историјата гласале за Демократите, кои ги сметаат за попријателски настроени спрема Израел. Тие исто ќе постапат и на наредните избори.

Г-динот Росенберг додава дека претседателот Буш ќе го зголеми бројот на потенцијалните гласачи доколку стави подеднаков притисок врз Израелците и Палестинците и доколку посилно се заложи за глобално решавање на проблемот.

„Не е поддршка за Израел, САД да стојат настрана и да дозволат оваа ужасна ситуација да продолжи. Израелската економија е во опаѓање. Нема туризам. Никој повеќе не оди таму. Затоа, знам дека доколку претседателот Буш излезе и го направи она што треба да го направи, а тоа значи дека треба да биде дипломатски ангажиран и да помогне да се одведат Израелсците и Палестиците кон мирот, тогаш тој ќе добие повеќе гласови одошто ќе загуби и тоа не само меѓу оние кои не се Евреи, туку и меѓу Евреите. Очајнички ни треба ваква акција“, истакнува господинот Росенберг.

Џејмс Зогби од Арапско-американскиот институт вели дека американските политичари стануваат свесни за се поголемата важност на арапско-американските гласачи, особено во густо населените источни и државите од Средниот Запад на САД. Тој вели дека претседателските кандидати треба да ги земат предвид нивните грижи.

„Сега станавме фактор. Има преку 3,5 милиони Арапи-Американци. Населени сме во, како што се познати, државите со бојни полиња. Имаме голем електорат во Мичиген, но и во Охајо, Пенсилванија и Њу Џерси. Кој би помислил дека овие гласачи ќе имаат улога каква што имаат? Но, тоа се местата каде нашите гласови се бројат“, вели Зогби.

Тој рече и дека арапско-американската заедница е речиси подеднакво поделена меѓу поддржувачи на Демократската и на Републиканската партија. Тој наведува и дека понекогаш Арапите- Американци даваат многу гласови и за кандидтатите од трети партии, како што беше случајот со Ралф Наидер од пред три години. Ова би било случај кога тие би увиделе дека двете главни партии немаат силна определба за мир на Блискиот Исток.

Зборувајќи за Ирак, поранешниот амбасадор Џозеф Вилсон, кој е критичар на војната под американско водство, рече дека на САД им е потребна поголема меѓународна поддршка за да се стабилизираат земјите од Блискиот Исток.

„Изборите во 2004-та можно е да се одвиваат од успехот на нашите операции на Блискиот Исток. А додека не успеат, администрацијата е ранлива“, појаснува амбасадорот Вилсон.

Г-динот Вилсон повика на продолжување на целосната американска контрола врз администрацијата во Ирак, но преку активна помош на што е можно поголем број странски влади.

XS
SM
MD
LG