Линкови за пристапност

Нова контроверза на американската политичка сцена - 2003-09-29


Директорот на ЦИА, Џорџ Тенет, побара од Одделот за правда да истражи дали некој од Белата куќа го објавил името на агентот.

Вашингтон Пост објави дека името на агентот им било соопштено на шестмина новинари во Вашингтон во јули, кога нејзиниот сопруг, поранешниот американски амбасадор Џозеф Вилсон, јавно го оспори тврдењето на американскиот претседател дека Ирак се обидел да купи ураниум во Африка.

Господинот Буш ова тврдење го изнесе во неговото редовно годишно обраќање до нацијата, а подоцна беше откриено дека било засновано во голема мера на погрешни документи, што предизвика сомневања за тоа како администрацијата ги користела разузнавачките информации за да ја оправда инвазијата на Ирак.

Амбасадорот Вилсон смета дека блискиот политички советник на претседателот, Карл Роув, бил вмешан во откривањето на идентитетот на неговата сопруга, која тајно работела како агент на ЦИА. Тој вели дека не знае дали господинот Роув ја доставил таквата информација до медиумите, но верува дека долгогодишниот советник на претседателот знаел за целата работа, но молчешкум дозволил информацијата да дојде до медиумите.

Намерното откривање на името на таен оперативец претставува прекршување на федералните закони и се казнува со затвор од 10 години и парична казна од 50 илјади долари.

Портпаролот на Белата куќа, Скот Меклилан кажа дека е смешна сугестијата оти господинот Роув бил вмешан во аферата.

„Едноставно, нема трошка вистина во таа сугестија и со Карл разговарав за тоа“, изјави господинот Меклилан.

Тој кажа дека откривањето на вакви чувствителни информации не е начин на кој работи Белата куќа.

„Претседателот смета дека откривањето на доверливи информации е многу сериозен проблем и дека целосно треба да биде испитан од соодветна агенција, а соодветна агенција е Одделот за правда“, рече тој.

Господинот Меклилан предочи дека не видел докази за вмешаност на Белата куќа во целата работа, освен она што го слушнал од медиумите. Тој кажа дека досега Одделот за правда не стапил во контакт со Белата куќа во врска со истрагата за протекувањето на информацијата, но доколку контактира, господинот Меклилан рече дека Белата куќа целосно ќе соработува.

Некои Демократи во Конгресот побараа обвинувањата да ги испита специјален истражител затоа што сметаат дека Одделот за правда не е доволно непристрасен за да ја испитува Белата куќа. Оваа одлука зависи од главниот правобранител Џон Ешкрофт. Господинот Меклилан, пак, смета дека не е потребна независна комисија за истрагата, затоа што, како што кажа, претседателот е убеден дека Одделот за правда ќе открие што се случило.

XS
SM
MD
LG