Линкови за пристапност

Колин Пауел во дипломатски поход во ОН за добивање поддршка за нацрт-резолуцијата на САД - 2003-09-25


Господинот Пауел имаше билатерални и групни средби во текот на денот со државници и со министри за надворешни работи од речиси 50 држави, вклучувајќи го и заедничкиот состанок со непостојаните членки на Советот за безбедност.

Дури и Франција, која е гласен критичар на американската политика кон Ирак, вели дека нема “да биде пречка на патот на резолуцијата“.

Притисокот на американската дипломатија сега е насочен кон дотерување на предлогот со цел максимално да се зголеми бројот на земји што ќе се вклучат во ирачките безбедносни операции под нов мандат на ОН.

Висок претставник на Стејт Департментот кажа дека колку поширока ќе биде поддршката за резолуцијата во Советот од 15 членки, толку повеќе ќе може да се привлечат други земји во она што треба да бидат сили на ОН под американска команда.

Тој кажа дека средбите на господинот Пауел биле повеќе фокусирани на механизмот и тајмингот за трансфер на комплетната власт од привремената влада предводена од САД на избрано ирачко раководство.

Франција и другите вршат притисок за предавање на власта за неколку недели, но висок официјален претставник кажа дека “сите“ кои се инволвирани сега сфаќаат дека тоа е постепен процес, и дека ќе има рок за трансфер, кој ќе биде “реален“.

Господинот Пауел му се придружи на претседателот Буш на неговата средба со пакистанскиот претседател Первез Мушараф, а потоа се сретна со неговиот турски колега, министерот за надворешни работи Абдула Ѓул.

Администрацијата на Буш не ја крие желбата двете муслимански држави, Пакистан и Турција да се вклучат во ирачките мировни сили.

Господинот Пауел денеска продолжува со дипломатското лобирање на билатерални средби со неговите колеги од Египет и Катар, а ќе се сретне и со членовите на ирачкиот Владејачки совет и со постојаните членки на Советот за безбедност на ОН.

XS
SM
MD
LG