Единаесет од 15-те земји членки на Советот за безбедност гласаа за резолуцијата предложена од арапските земји, а Германија, Британија и Бугарија беа воздржани. Единствено САД беа против.
Објаснувајќи го американското вето, амбасадорот Џон Негропонте кажа дека резолуцијата има недостаток, бидејќи во неа не е вклучена јасна осуда на палестинските терористички организации како Хамас.
„Причината поради која ставаме вето на резолуцијата е тоа што таа на е урамнотежена и не ги опфаќа елементите за кои сметаме дека треба да се имаат предвид, на пример остра критика за палестинскиот тероризам, кој претставува пречка за спроведување на мировниот процес и мапата кон мирот и едноставно мора да запре, доколку сакаме да има напредок“, истакна господинот Негропонте.
Во неговите забелешки упатени до колегите од Советот за безбедност по гласањето, тој подвлече дека на Израел му е предочено дека меѓународната заедница е против протерување или убиство на Јасер Арафат. Амбасадорот Негропонте сепак додаде дека Вашингтон и натаму гледа на палестинскиот лидер како на дел од проблемот и го поддржува неговото дипломатско изолирање.
Амбасадорот Фајсал Мекдад од Сирија, која е главен спонзор на резолуцијата, изрази жалење поради американското вето. Тој кажа дека ова е „тажен ден“ за ОН.
„Сметаме дека тоа што на ОН не им се дозвволува да ја играат својата улога во воспоставувањето мир и безбедност во различни делови од светот, вклучувајќи го и Блискиот исток, е голема грешка“, рече тој.
Британскиот амбасадор Емир Џонс Пери изрази жалење што не беше најден компромис, со кој би се избегнало вето. Тој се обиде да поттикне дебата во позитивна насока, велејќи дека постои широка согласност меѓу членовите на Советот во врска со безбедноста на господинот Арафат.
„Сите се јасни дека протерувањето на Арафат нема да помогне. Сите апсолутно стојат зад ставот дека обете страни треба да покажат воздржаност и оти мапата кон мирот останува суштински елемент што треба да се имплементира во сите форми, што е можно побрзо“, вели амбасадорот Пери.
Ова е 77-мо вето во историјата на ОН. Последен пат вето беше ставено минатиот декември, исто така на резолуција со која се критикуваше Израел.
Палестинскиот лидер Јасер Арафат говорејќи пред палестинските интелектуалци кои го посетија неговото седиште во Рамалах, го осуди американското вето и кажа дека тоа не го загрижува, бидејќи, како што рече, „ние сме поважни од каква и да е резолуција“.