Линкови за пристапност

Во Пекинг започнуваат разговорите за севернокорејската нуклеарна криза - 2003-08-25


Претставниците од пет земји што ќе учествуваат на разговорите за севернокорејската нуклеарна криза пристигнуваат во Пекинг. Целта на состанокот е да се убеди Пјонгјанг да се откаже од програмата за нуклеарно оружје.

Рускиот заменик министер за надворешни работи Александар Лосјуков, која ја предводи руската делеагција, утрово во Пекинг рече дека е „внимателен оптимист“ во однос на овонеделните разговори. Тој ова го изјави по пристигнувањето на тридневниот состанок, што започнува в среда.

Исто така, денеска во Пекинг ќе пристигнат и претставниците на САД, Јужна Кореја и Јапонија, кои утре се очекува да одржат состанок пред официјалните разговори. Делегацијата на Северна Кореја во Пекинг треба да пристигне утре.

Како најголем снабдувач со храна и гориво на Северна Кореја, домаќинот Кина се смета за една од малкуте земји кои имаат некаква способност да влијаат врз Пјонгјанг.

Севернокорејската нуклеарна криза започна во октомври минатата година, кога Пјонгјанг призна дека има тајна програма за нуклеарно оружје, што претставува кршење на неколку меѓународни договори.

Оттогаш Пекинг е ангажиран во неколкумесечена дипломатска активност за приближување на сите инволвирани страни.

Писателката и политички коментатор, Даи Квинг вели дека кинеските интелектуалци не сакаат нивната влада автоматски да ја поддржува Северна Кореја, бидејќи тоа би можело да и наштети на Кина.

Таа посочува на силната кинеска поддршка за Северна Кореја за време на Корејската војна во раните 50-ти години. Тогашниот лидер Мао Цетунг, му се придружи на Пјонгјанг во борбата против американските трупи и трупите на ОН.

„Ние само сакаме да ги предупредиме да не ја направат истата работа, како Мао Цетунг„, вели Квинг. „Од Севернокорејската војна научивме големи лекции, односно најголемите лекции во нова Кина„, додава таа.

Во текот на Корејската војна од 1950 до 1953 година, загинаа околу еден милион кинески војници.

САД бара Северна Кореја да се откаже од програмата за нуклеарно оружје. Пјонгјанг неколкупати инсистираше на тоа Вашионгтон прво да се согласи на официјален договор за ненапаѓање и за нормализација на дипломатските односи.

Аналитичарите велат дека не очекуваат конкретни резултати од овонеделните разговори, но барем ќе овозможи сите страни да ги презентираат своите позиции.

XS
SM
MD
LG