Линкови за пристапност

Аудио-снимка на д-р Кели ислушана на третиот ден од сведочењето во Лондон - 2003-08-13


Пред да биде пронајден мртов, британскиот експерт за оружје Дејвид Кели на еден новинар му кажал дека го загрижува содржината на владиниот извештај за заканата од ирачкото оружје пред војната.

На третиот ден од сведочењето во истрагата во Лондон, беше ислушана аудио-снимката на д-р Кели. На неа, Кели говори за владиниот документ пред војната, во кој се објаснува заканата од ирачкото оружје за масовно уништување. Новинарот на Би-Би- Си, Сузан Ватс оваа снимка ја направила на 30 мај.

Г-нот Кели вели дека бил загрижен поради значењето што во извештајот му е дадено на тврдењето оти Ирак за 45 минути би можел да го стави во готовност своето хемиско и биолошко оружје. Кели изразува сомневање во ова тврдење, кое според претходни сведочења, произлегло од само еден ирачки извор.

Но, Кели на Ватс и кажал дека тој не смета дека владата намерно била неискрена во истакнувањето на оваа закана. Тој рекол и дека нема сознанија оти советникот за коминикации на премиерот Тони Блер, Аластер Кемпбел, наредил во извештајот да се внесе тврдењето дека ирачкото оружје може да се стави во готовност за 45 минути.

Аудио-снимката се покажа контрадикторна на завчерашното сведочење на друг новинар на Би-Би-Си, Ендрју Гилиган, кој рече дека Кели му кажал оти токму Аластер Кемпбел барал тврдењето да се внесе во извештајот.

Би-Би-Си и Владата на Блер се најдоа во остар судир, откако Гилиган на 29 мај објави дека владата ги занемарила тврдењата на првите лица од разузнавањето, и во документот објавен минатиот септември намерно ја измамила јавноста околу заканата од Ирак.

Премиерот Блер негира каква било измама, а Кемпбел побара Би Би Си да го повлече извештајот. Обајцата треба да сведочат во истрагата што британскиот премиер ја побара по, како што официјално го води полицијата, самоубиство на г-динот Кели минатиот месец.

Д-р Кели беше пронајден мртов три дена по неговото сведочење пред Парламентарната комисија која води истрага за контроверзата околу ирачкото оружје. Тој претходно од својот работодавец, Министерството за одбрана, беше идентификуван како извор за извештајот на Гилиган. Кели тоа го негираше, но Би Би Си тоа го потврди по неговата смрт.

Контроверзната смрт на д-р Кели ја вовлече владата на Блер во најголема криза во изминативе 6 години.

XS
SM
MD
LG