Линкови за пристапност

Интервју со потсекретарот за безбедност на границите и транспортот, Аса Хатчинсон - 2003-08-08


По терористичките напади во САД во 2001 година, американските власти ги зајакнаа безбедносните проверки за сите што влегуваат во земјата. Во интевју за Гласот на Америка, потсекретарот за безбедност на границите и транспортот во Одделот за домашна безбедност, Аса Хатчинсон, меѓу другото говори и за можноста од воведување на нови биометрички процедури од безбедносни причини, како што е скенирање на зениците на патниците.

Потсекретарот Хатчинсон вели дека за визите за студентите и посетителите, САД користат високо-технолошки можности. Тоа подразбира соработка со меѓународните партнери во развивањето на биометричките стандарди за пасошките документи.

„Ние годинава одиме понапред за да обезбедиме дека сите посетители што пристигнуваат во САД преку нашите аеродроми и пристаништа ќе можеме да ги идентификуваме, да ги пречекаме во земјата, и мал број поединци, велам многу мал број, можеби ќе треба да ја поминат и проверката за терористичка поврзаност, со што ќе бидеме многу побезбедни“, вели г-динот Хатчинсон.

Во однос на биометричките стандарди, како што се отпечатоци од прсти и скенирање на зениците од што последното веќе се користи во Холандија, г-динот Хатчинсон истакнува дека САД во моментов го користат најприфатливиот начин на идентификација - со отпечатоци од прсти.

„Но потоа сакаме да бидеме во можност да го имплементираме тнр. препознавање по лицето. Дали тоа ќе биде скенирање на зениците, или некој друг биометрички идентификатор кој е според светските стандарди. Соработуваме со меѓународните организации за развивање на систем што би бил најефикасен“, додава тој.

Најголема загриженост во однос на безбендоста, кај американските власти и натаму предизвикуваат аеродромите. Г-динот Хатчинсон вели дека најновите препораки се да се внимава на електронските апарати, што би можеле да се искористат како оружје. Се на се, сепак потсекретарот Хатчинсон смета дека Американците сега имаат многу поголема доверба во безбедноста одошто на 11 септември пред две години.

„Мислам дека тие исто така сфаќаат оти со слободата што постои во оваа земја и со патничкиот сообраќај, онаков каков што е, за безбедноста на Америка потребно е многу повеќе отколку само грижата на федералната Влада. Потребен е ангажман од приватните компании, кои ја сфаќаат важноста на безбедноста, како и ангажман на обичниот граѓанин - да внимава на работите“, истакнува тој.

Најдобар пример за соработката со приватниот сектор, според него, е во областа на авио-транспорот, бродскиот транспорт и поштенскиот сообраќај.

„Минатиот викенд ги известивме дека мораме да го укинеме транзитот без виза. Тоа беше многу чувствителна работа за нас. Тие ни дадоа голема поддршка, со тоа што се грижеа за патниците. Исто така, сопствениците на пристаништата, кои се приватни сопственици, инвестираат милиони и милиони долари во набљудувачки камери заради нивна лична безбедност. И во поштенскиот сообраќај, што делумно е во приватна сопственост, исто така се ивестира во безбедноста. Значи, тоа е сеопфатен напор за заштита на САД, а не само на федералната Влада“, истакнува г-динот Хатчинсон.

XS
SM
MD
LG