Линкови за пристапност

УНИЦЕФ: Годишно се тргува со над еден милион деца - 2003-07-31


Фондот за деца на ОН, УНИЦЕФ, соопшти дека секоја година во светот илегално се продаваат и купуваат над милион деца. Во извештајот на УНИЦЕФ се наведува дека трговијата со бело робје во моментов е трет најголем криминал во светот, по дрогата и шверцот со оружје. Според вчера објавените податоци на ОН, шверцот со деца годишно им носи до 10 милијарди долари на оние кои нелегално купуваат и продаваат деца за евтина работна сила или како „бело робје“.

Лиса Карбел е претставник за заштита на децата во УНИЦЕФ. Таа вели дека шверцерите ги користат децата како никогаш порано.

„Криминалните мрежи се организираат околу ова и годишно заработуваат милијарди долари. Ново е што законите против шверцот не се толку јаки како законите против трговијата со кокаин и хероин. Затоа тие избираат да преминат на трговија со деца. Тоа е најалармантно. Тие на човечките суштества гледаат како на кокаин во пластично ќесе“, истакнува г-ѓа Кардел.

Проблемот е најголем во областите како Западна Африка, Азија и Источна Европа, кои обезбедуваат најмногу деца. Западноафриканските и источноевропските деца кои стануваат жртви на шверцот најчесто се продаваат за секс или ги принудуваат да работат како слуги. Кинеските и виетнамските деца претежно се принудени на проституција или како евтина работна сила.

УНИЦЕФ вели дека дел трговците со луѓе префрлаат дел од децата надвор од родните земји, и тие најчесто завршуваат во Европа, каде има најголема побарувачка на пазарот. Децата завршуваат како робови или слуги на најразлични начини: или сосила се грабнуваат, или пак се привлекуват со ветувања за пари, образование или можности да работат во далечна земја.

Госпоѓа Карбел вели дека повеќето семејства кои ги праќаат своите деца за да заработат пари, не се ни свесни за каква опасност се работи.

„Еден од изненадувачките факти во врска со трговијата со бело робје е што многу често првиот контакт се воспоставува преку нешто што е вообичаено за одредена земја. Многу често, во земји како Молдавија или Романија, тоа е во форма на оглас за вработување во локален весник, на нивниот локален јазик, од агенција чии канцеларии децата можат да ги посетат секојдневно, на пат за училиште“, вели таа.

Претставниците на УНИЦЕФ истакнуваат дека последиците од трговијата со деца се долготрајни и уништувачки, и затоа препорачуваат таа да се спречи со закони и кампањи во јавноста, пред да фати корен.

XS
SM
MD
LG