Во услови кога неговата популарност опаѓа поради сомневањата дека ирачкото оружје навистина претставувало закана за британските интереси, премиерот Тони Блер изјави дека воената акција за соборување на Садам Хусеин била оправдана.
Господинот Блер се обидува да ги одбрани предвоените тврдења на својата влада дека Ирак би можел да активира оружје за масовно уништување против британските единици во рок од 45 минути. Во војната не беше употребено оружје за масовно уништување, ниту пак такво беше пронајдено во Ирак откако заврши инвазијата.
Во рамките на посетата на Кина, господинот Блер го посети Универзитетот во Пекинг, каде студентите го прашаа дали жали за започнувањето на војната во Ирак.
„Морам да кажам не, не жалам. Уверен сум дека колку и да беше тешко, тоа беше вистински потег. Не само во смисла на безбедноста во светот, туку и во однос на страдањето на ирачкиот народ, мислам дека е подобро што тие се ослободија од Садам Хусеин“, истакна премиерот Блер.
На прашањето како се чувствува по наводното самоубиство на британскиот експерт за оружје Дејвид Кели минатата недела, кој претходно сведочеше пред парламентарна комисија која води истрага за тоа дали Владата ја пренагласила ирачката закана пред војната, господинот Блер одговори:
„Ова е очајничко тажно време за семејството на доктор Кели. Тој се уште не е погребан и не би сакал да зборувам повеќе за оваа ситуација, освен што ќе кажам дека како и во секоја демократија, ќе се спроведе соодветна и независна истрага за она што се случило“.
Британската радиодифузна корпорација - Би Би Си во мај цитираше независни извори дека наводно канцеларијата на премиерот Блер во досието објавено минатиот септември ја пренагласила заканата од ирачкото оружје. Портпаролот на Блер енергично ги отфрли ваквите наводи.
Господинот Кели имаше изјавено дека никогаш не ја обвинил Владата на Блер за придавање поголемо значење на досието за Ирак, но по неговата смрт, Би-Би-Си рече дека токму тој им бил главниот извор.
Весникот Фајненшал Тајмс објавува дека секретарот за одбрана Џеф Хун одобрил медиумска стратегија која довела до идентификација на господинот Кели како извор на Би Би Си уште пред неговата смрт. Весникот пишува дека секретарот Хун би можел да биде присилен да поднесе оставка, доколку независната работна група, што ја истражува смртта на господинот Кели, ја докаже неговата вмешаност.
Засега нема реакција од Министерството за одбрана на извештајот во Фајненшал Тајмс, но премиерот Блер демантираше оти лично имал некаква улога во откривањето на идентитетот на господинот Кели.