Линкови за пристапност

Историјата на Волстрит-глобалниот симбол на богатството и моќта - 2003-07-10


Раѓањето и растежот на легендарната улица во Њујорк, Волстрит, е проследена во новата книга на економистот Хауард Воктел, со наслов „Улица на соништата – Булевар на скршените срца“. Авторот вели дека Волстрит преку војна и скандали станал глобален симбол на богатството и моќта. Следува разговор со господинот Воктел за Волстрит во една книжарница што се наоѓа веднаш зад аголот на овој познат булевар во Њујорк.

Двесте и дваесетгодишната историја на Волстрит е проследена со подеми и падови, поттикнати од неуморната потрага по среќа. Господинот Воктел вели дека уште од почетокот на постоењето на Волстрит, во доцните години на 18 век, приканата останала иста, иако актерите се менувале. Неколкумина инсајдери и добро упатени прават пари, додека масите, водени од надеж за збогатување, го обезбедуваат најголемото количество пари за инвестициите, но предоцна реагираат да профитираат од влогот. Сето тоа започнало, вели авторот, со долгот од крајот на Американската револуција.

„Александар Хамилтон, првиот секретар на американскиот Оддел за финансии, требало да го реши проблемот со долгот од Револуционерната војна, во износ од 60 милиони долари. Затоа создал шема според која ги преземал долговите на сите федерални држави, и тоа на начин што поединечните брокери на Wall Street кои работеле со крзно и робови можеле да ги откупат долговите преку издадените хартии од вредност, плаќајќи по 25 центи за долар. Потоа Хамилтон им платил сто проценти од доларската вредност на харттите, така што тие направиле голем профит, што се почетоците на Волстрит“, вели г-динот Воктел.

Овој професор по економија на Американскиот универзитет во Вашингтон, вели дека тие брокери биле првите вистински трговци – инсајдери, кои инвестирале врз основа на информација што ја добиле приватно.

„Иако нема директен доказ, сепак постојат голем број на индиректни докази дека овие луѓе имале информација што дошла од внатре. Хамилтон бил нивни сосед и пријател и веројатно им кажал за овие идеи. И, околу 1789-1790-та, истите луѓе од Вол Стрит кои биле вмешани во скандалот, започнале масовно да купуваат хартии од вредност. Кога таа профитна зделка се растурила и почнало да се шпекулира, оние кои се приклучиле без вистински информации, изгубиле многу пари“, објаснува тој. Господинот Воктел вели дека ова сценарио предизвикало повици за посилни федерални закони кои ќе важат за Волстрит, и кои ќе дојдат од друга позната улица, Авенијата Пенсилванија во Вашингтон, каде што е седиштето на американската влада. Но тој вели дека секогаш кога ќе се случел скандал, Волстрит успевал да ги убеди пазарите и политичарите дека може самиот да се управува. Господинот Воктел подвлекува дека дури и денеска, Волстрит инсистира дека е доволно одговорен себе си да се управува. На пример, се до неодамнешните скандали со корпоративните гиганти како Енрон, ВорлдКом и Тајко, сметководствената индустрија на големи корпорации тврдеше дека може многу подобро да управува со себе отколку американската влада.

Господинот Воктел верува дека овој циклус на самофасцинираност и измама од Волстрит е дел од еден поголем циклус што продолжува и за чие запирање може малку да се стори.

„И натаму трае аргументот дека Волстрит е приватен, саморегулирачки ентитет, кој се бори против Авенијата Пенсилванија, другата важна улица во оваа драма, а која го претставува јавното управување со земјата. Третата голема улица во приказната е Main Street, или Главната улица, односно индивидуални граѓани кои обично се заведени од шемите на Волстрит и неговите заплети и драма, и тоа на типичен начин што го извлекуваат подебелиот крај“, вели тој.

Господинот Воктел во книгата за Волстрит - „Улица на соништата – Булевар на скршените срца“, наведува дека е потребно поагресивно и независно федерално тело за да се заштитат обичните инвеститори – поединци од лукавиот, самоодржлив начин на кој функционира Волстрит.

XS
SM
MD
LG