Линкови за пристапност

Американско трговско однесување - 2003-07-08


Селинда Лејк раководи со фирма за истражување на јавното мислење која спроведува анкети за неколку големи американски публикации, како и за Демократската партија. Таа вели дека едно скорешно истражување посочува на заклучок оти Американците се загрижени од трговски договори што би можеле да ги доведат во економски ризик.

„Шеесет и четири проценти од анкетираните истакнуваат дека САД треба да ги заштитат работните места, пред да бидат склучени нови трговски договори,“ вели госпоѓа Лејк.

Таа додава дека не е за изненадување што Американците се чувствуваат ранливи и сакаат да го заштитат својот паричник, имајќи го предвид малиот раст на американската економија: „Луѓето мислат дека економскиот аспект од нивниот живот е надвор од контрола., а трговијата дефинитивно се вклопува во ова размислување. Народот мисли дека глобализацијата на економијата и трговијата се едни од главните фактори што доведуваат до губиток на контрола врз економијата во целина и врз сопствената економска ситуација“.

Доколку навистина колективната американска верба во меѓународната трговија избледува, тоа би можело да биде промена од историски размери. Од Втората Светска војна наваму, САД аргументирано беа водечки поддржувачи на трговијата во светот, играјќи голема улога во создавањето на поранешниот Општ договор за тарифи и трговија, што го наследи Светската трговска организација.

Со децении, САД се залагаа за проширување на трговијата, во смисла на поттикнување на глобалниот просперитет и зближување на земјите врз основа на заеднички интерес. Но изминаа 10 години откако САД го склучија исклучително важниот трговски договор-НАФТА - Северно американски договор за слободна трговија. По предлогот за создавање слободна трговска зона на американскиот континент се дебатираше со години, без никаков напредок.

Поранешниот американски трговски преговарач, Питер Шер вели дека врз поддржувачите на трговијата, меѓу кои е и самиот тој, треба да падне дел од вината за она што тој го гледа како колебање дали САД да се изложат на странска економска конкуренција.

„Секогаш кога бараме поддршка од Конгресот за некој трговски договор, ние зборуваме само за бенефициите и не сакаме да се осврнеме на негативното влијание. А тоа постои. Факт е дека поголема конкуренција значи оти некои сектори и некои индустрии нема да конкурираат толку ефикасно, дека некои луѓе ќе бидат присилени да бараат нови работни места“, вели тој.

Професорот по економија на Универзитетот во Калифорнија во Санта Круз, Лори Клетцер, смета дека за да јавноста ги поддржи новите трговски договори, американските власти мора да покажат подготеност дека ќе ги заштитат работниците кои би останале без работа поради странската конкуренција. Таа додава дека во просперитетни времиња е многу полесно да се најдат нови работни места и оти недовербата на јавноста во однос на трговските договори би можел да се промени доколку дојде до зголемување на економскиот раст во месеците и годините што следуваат.

XS
SM
MD
LG