Господонот Ахмети верува дека напорите што македонското раководство ги вложува за искористување на предноста на мирот, за трансформација на институциите во земјата и за спроведување на административните реформи, ќе вродат со плод. Тој сепак додаде дека успехот директно зависи од имплементацијата на Рамковниот договор.
„Мојата партија верува дека Охридскиот договор е основа врз која ќе биде градена нова Македонија“, рече господинот Ахмети. Тој смета дека одговорноста за тој процес ја споделуваат македонската Влада и другите политички субјекти во државата, меѓу кои и опозицијата, но и САД, ЕУ и НАТО.
Имплементацијата на договорот од Охрид за Али Ахмети е бавна од објектини причини, но и заради, како што кажа, бариера која доаѓа од наследен комунистички менталитет и национализам.
„И за време на војната, и сега, нашиот став е јасен – Нема да има поделба на Македонија“, кажа тој. „Политичките манипулации се опасна игра за стабилноста и безбедноста на целиот регион, а настојувањето да се создадат моно-етнички држави на почетокот на 21-от век, не само што е старо решение, туку е и ризик од појава на домино ефект кој ќе го зафати целиот Балкан“, кажа господинот Ахмети.
На нашето прашање за ставот по проблемот со раселените лица во Македонија и за нивно враќање во домовите, лидерот на ДУИ кажа дека гледа напредок:
„Ова е една од главните приоритети на владината коалиција. Овој проблем го ставивме на врвот на агендата. Најпогоден е северниот дел на Македонија, особено кумановскиот регион. Меѓународната заедница не беше во можност многу да стори, бидејќи областа беше минирана и не е безбедна. Сепак, има позитивен развој, некои области се обновени и неколкумина се вратија во домовите. Работиме на отворање нови гранични премини, така што луѓето од другата страна на границата ќе можат безбедно да се вратат за поторно да го градат својот живот, во нови села“, истакна господинот Ахмети.
„За стабилноста на нашата земја, Македонија, и за целиот Балкан, корисно ќе биде да продолжи американското присуство“, подвлече тој, додавајќи дека во Вашингтон работи и на поттикнување на поголема финансиска помош за Македонија. Господинот Ахмети рече дека ќе се залага на Македонија да и се дозволи да учествува во повторната изградба на Ирак.
На прашањето пак, колкава закана во моментов претставува таканаречената АНА, тој одговори:
„Колку подолго трае процесот на имплементација на Охридскиот договор, толку се поголеми шансите за влошување на ситуацијата и за создавање на поголем простор екстремистите да реагираат, да имаат изговори за акции, се додека не дојде до спроведување на Договорот“.
На ова реагираше македонскиот амбасадор во САД, Никола Димитров:
„Очигледно, може да се постави релација меѓу имплементацијата на Охридскиот договор и екстремистичките елементи во Македонија. Опасно е тврдењето да се каже оти доколку сме бавни со имплементацијата, тогаш групите како таканаречената Албанска национална армија, ќе имаат изговор да се борат. Мора да се протежираат политичките реформи, но од друга страна мора и да се гонат „лошите момци“, без оглед на нивната етничка припадност или мотив, зошто во спротивно, тоа ќе биде затворен круг од кој никогаш нема да излеземе. Мора да запре насилството во Македонија“.
Вклучувајќи се во дискусијата, амбасадорот Роберт Фровик, поранешен претставник на ОБСЕ во Македонија, кажа дека се согласува со ставот оти мирот зависи од спроведување на законите и изведување на сторителите на криичните дела пред правдата. За него, Македонија е на добар пат кон зајакнување на стабилноста и кон интеграција кон евро-атланските структури.