Линкови за пристапност

Дилеми во Конгресот околу разузнавачките податоци за Ирак - 2003-06-11


Сенаторот Роберт Брд, инаку Демократ од Западна Вирџинија и гласен критичар на политиката на претседателот Буш за Ирак, го постави прашањето дали администрацијата манипулирала со американските разузнавачки податоци за да има докази за војната со Ирак.

“Ирачкото оружје за масовно уништување и натаму е мистерија, енигма, загатка. Што е тоа? Каде е? Колку е опасно? Дали тие создадоа оправдување за администрацијата која беше нетрпелива да освои држава?“, праша господинот Брд.

Неговиот сопартиец, сенаторот Џеј Рокфелер кој има висока позиција во Сенатската комисија за разузнавање, повика на дискусија за формална истрага за американското разузнавање за ирачката програма за оружје и за поврзаноста на Ирак со терористички групи.

“Не најдовме никакво оружје за масовно уништување. Поврзаноста меѓу ал-Каида и Ирак не изгледа дека е многу реална“, рече сенаторот Рокфелер.

Сенаторот Рокфелер бара сослушување и јавно и затворено, како и интервјуа со претставници на разузнавањето и администрацијата. Но главните Рапубликанци докажуваат дека нема докази за грешки и не гледаат потреба за истрага.

Сенаторот Џон Ворнер од Вирџинија претседава со сенатската Комисија за вооружени служби, која веќе почна со сослушувања зад затворени врати по ова прашање.

“Доказите што сум ги испитал не се доволни за да се претпостави дека некој во оваа администрација ги искористил, ги подготвил или ги дотерал овие докази за одредена цел. Жалам заради ваквите обвинувања“, рече сенаторот Ворнер

Претседавачот на сенатската Комисија за разузнавање, сенаторот Пет Робертс од Канзас сугерираше дека повиците на Демократите за формална истрага се политички мотивирани.

“Според мене некои од овие напади се само политика и за политички поени. Нема да дозволам комисијата да биде исполитизирана или да биде искористена како средство за кој било политички стратег. Тоа не е добро за разузнавачката заедница, не е добро за комисијата и не е добро за нашата национална безбедност“, изјави господинот Робертс.

Сенаторот Робертс вели дека критиките создаваат раздор и меѓу разунавачките агенции.

XS
SM
MD
LG