Линкови за пристапност

Изгласана резолуцијата за Ирак во ОН - 2003-05-22


Советот за безбедност ја усвои резолуцијата по тешки преговори што резултираа со извесни модификации на предлогот и нови отстапки за клучните членки на Советот.

Со резолуцијата, предложена од Британија, Шпанија и САД, се укинуваат трговските и финансиски санкции што ОН ги воведоа по ирачката инвазија на Кувајт во 1990 година, но се задржува ембаргото за увоз на оружје.

На гласањето беше забележително отсуството на Сирија, единствената арапска земја – членка во актуелниот состав на Советот за безбедност. Сиријците велат дека им треба повеќе време да ја разгледаат резолуцијата.

Сепак, американскиот амбасадор во ОН, Џон Негропонте вели дека Советот бил обединет во полза на ирачкиот народ:„Укинувањето на санкциите претставува значаен настан за ирачкиот народ. Со тоа се свртува нова страница во историјата, која би можела да донесе посветла иднина за ирачкиот народ и за регионот“.

Во текот на преговорите што доведоа до конечната верзија на резолуцијата, Франција, Германија и Русија изразија загриженост дека со неа на САД и Британија им се гарантира неограничена контрола врз ирачките природни богатства и политичкиот живот, без притоа да се постави јасна улога за ОН, освен хуманитарната помош.

Сепак, земјите-членки постигнаа серија компромиси, меѓу кои меѓународни гаранции за транспарентност на тоа како се користат приходите од ирачката нафта.

Францускиот амбасадор Жан Марк Саблиер рече дека резолуцијата претставува напредок во дефинирањето на улогата на ОН и на обврските на окупационите сили за почитување на меѓународното право. „Усвоената резолуција не е совршена. Сепак, во секоја од фазите на преговорите постигнуваме извесен напредок. Уверени сме дека сега таа обезбедува веродостојна рамка во која меѓународната заедница ќе биде во можност да му обезбеди помош на ирачкиот народ. Токму затоа и ја поддржавме“, вели амбасадорот. Германија и Русија исто така изразија задоволство од Резолуцијата, нарекувајќи ја „компромис“. Во неа се посочува дека управувањето од страна на „окупационите сили“ ќе заврши со формирање на меѓународно призната ирачка влада. Уште еден клучен компромис претставува тоа што на Советот за безбедност му се овозможува да ја ревидира резолуцијата во текот на една година. Резолуцијата предвидува независен пратеник на ОН да има улога во создавањето на ирачката привремена влада. Овој пратеник ќе има надлежност врз некои од договорите кои се во рамките на програмата „нафта за храна“, која пак, наместо уште четири, ќе трае уште 6 месеци.

Со резолуцијата не се предвидува враќање на инспекторите за оружје во Ирак, но се остава можност на Советот за безбедност да го ревидира мандатот на меѓународните инспектори за оружје.

XS
SM
MD
LG