Линкови за пристапност

Советот за надворешни односи смета дека САД треба да започнат преговори со Пјонгјанг за да се спречи влошување на ситуацијата - 2003-05-19


Независната група професори и бивши дипломати им препорача на САД да отпочнат директни преговори со Северна Кореја за да се обидат да стават крај на нукеларната програма на Пјонгјанг. Работната група на Советот за надворешни работи за Кореја во извештајот што беше објавен вчера, предупредува дека без итна акција, светот може да се соочи со потполно нуклеарно вооружена Северна Кореја.

Актуелната американска политика е да не се преговара за никакви спогодби со Северна Кореја се додека оваа земја не ја уништи својата нуклеарна програма, на начин што може да се верификува. Но работната група за Кореја на Советот за надворешни односи вели дека САД треба да започнат преговори со Пјонгјанг за да спречат ситуацијата да се влоши.

Ерик Хегинботам од Одделот за азиски студии на Советот за надворешни односи, вели дека е клучно наскоро да се започнат преговори за да се тестираат намерите на Северна Кореја.

„Како додаток на испробувањето на Северот, доколку е успешно, со привремениот договор би требало да се спречи ситуацијата да се влошува за краток временски период, со тоа што ќе се придобие Северна Кореја да ги замрзне нуклеарните реактори, нејзините објекти за репроцесирање и да го врати употребеното нуклеарно гориво“, смета г-динот Хегинботам.

Во извештајот се вели дека од Северна Кореја треба да се побара повторно да се вклучи во Договорот за неширење на нуклеарното оружје и да им се дозволи на меѓународните инспектори да верификуваат дека е замрзната нуклеарната програма.

Минатиот месец Кина беше домаќин на разговорите меѓу претставниците на САД и Северна Кореја, но од нив немаше напредок кон решавање на проблемот.

Поранешниот американски амбасадор Мортон Абрамовиц, копретседавач со работната група, вели дека за возврат на прифаќањето од страна на Северна Кореја на нејзините меѓународни обврски, во привремениот договор треба да му се даде нешто на Пјонгјанг.

„САД би требало да бидат подготвени да дадат безбедносни гаранции и дека нема да преземат никакви мерки за спречување на другите земји да дадат помош на Северна Кореја“, вели тој.

Амбасадорот Абрамовиц вели дека ваквиот договор повеќе би тежел во однос на оној од 1994 година со кој се замрзнуваше нуклеарната програма на Северна Кореја во замена за ветувањата за помош од САД, Јужна Кореја и Јапонија. Овој договор беше поништен кога САД покажаа докази минатата година дека Северна Кореја продолжува со својата тајна нуклеарна програма.

Другиот претседавач со работната група, поранешниот американски амбасадор во Јужна Кореја, Џејмс Лејни, вели дека скептичноста во однос на Северна Кореја е несоодветна. Тој вели дека работната група предлага верификацијата да биде пред, а не на крајот, како што беше случај со договорот од 1994 година.

Исто така, амбасадорот Лејни вели дека групата повикува да се одреди координатор на американската политика од висок ранг кој ќе работи постојано на проблемот со Кореја и ќе може да формира силна коалиција на земјите од регионот, вклучувајќи ги Јужна Кореја, Јапонија, Кина и Русија. Тој вели дека коалицијата мора да се согласи да бара мирни преговори, но исто така заеднички да се сложи за воведување на строги санкции, доколку пропаднат преговорите.

XS
SM
MD
LG