Линкови за пристапност

САД во Ирак спроведуваат акција за чистење  на ирачката администрација од членовите на поранешната владејачка партија Баат - 2003-05-19


САД почнаa да спроведуваат акција за чистење на Ирак од сите траги од партијата Баат, кои Садам Хусеин ги користел за доминација и спроведување терор во неговата земја.

Садам Хусеин стана член на Арапската Социјалистичка партија Баат во 1956 година, кога имал само 19 години.

Партијата е формирана девет години претходно во Сирија и се залагала за арапско единство, независност и социјализам. Членовите на партијата Баат дојдоа на власт во Ирак во 1963 година преку воен удар.

За Садам Хусеин, паријата Баат му го обезбеди неговиот пат до власта. Тој неуморно работеше во текот на 70-тите години, напредувајќи на различни функции, за конечно во 1979 година да стане претседател на Ирак.

Под раководство на Садам Хусеин, партијата Баат го прошири членството со припадници на сите општествени слоеви и го контролираше Ирак преку разработен систем на поддршка и терор. Со соборувањето на Садам Хусеин од власт, САД ја забранија партијата, како дел од кампањата за чистење на Ирак од последните остатоци од Баатизмот.

Американскиот администратор на Ирак, Пол Бремер, вели дека нема да има работа за 30-те илјади највисоко рангирани припадници на Баат во привремената администрација под американско раководство.

„Ние агресивно сме во потрага за идентификација на овие лица и тоа ќе го правиме и во иднина, за да ги отстраниме од функциите. Ние веќе ги откриваме и ќе продолжиме да се справуваме со овие членови на стариот режим кои ја саботираат земјата и напорите на коалицијата“, истакнува тој.

Но, г-динот Бремер исто така признава дека коалицијата би можела да се потпре на членовите на Баат од понизок ранг за да помогнат Ирак да застане на свои нозе.

„Имаме многу тежок проблем. Многу се трудиме да соработуваме со Ирачаните за обнова на основните услуги, како што се здравството, образованието, снабдувањето со вода и електрична енергија. Работиме колку што можеме со населението во тие области да најдеме компетентни луѓе во техничка смисла. Имавме случаи - лица што се понудија да соработуваат со нас, да биле членови на Баат, и тие веднаш беа отстранети. Тоа ќе биде тежок проблем“, вели г-динот Бремер.

Случајот на д-р Али Шнан е добар пример за предизвиците со кои се соочуваат коалиционите сили. Тој на почетокот на месецов бил назначен за висок ирачки администратор на Министерството за здравство, каде што за време на режимот на Садам Хусеин бил трет по ранг.

Неговото назначување од страна на Американците предизвика протести на незадоволство од страна на младите лекари. Тие велеа дека тој бил дел од системот на Баат со кој им се забранувала здравствена заштита на оние лица за кои постоеле сомневања дека не му се наклонети на Садам.

Д-р Шнан ја негираше својата вмешаност во ваквата политика, изјавувајќи дека тој само си ја вршел должноста како и секој друг вработен во здравствениот систем. Тој говореше на прес-конференцијата организирана од американскиот советник во Министерството за здравство, Стивен Браунинг, кој очекуваше д-р Шнан јавно да ја осуди партијата Баат.

Наместо тоа, зборувајќи преку преведувач д-р Шнан рече дека отстранувањето на членовите на Баат е нереално.

„Погрешно е да се сугерира, членовите на Баат да немаат право да го претставуваат Ирак. Токму поради тоа што во Ирак има околу 11 милиони регистрирани членови на Баат“, вели д-р Шнан.

Д-р Шнан кажа дека тој и се приклучил на партијата за да добие работа, и оти ќе се откаже од неа за да ја задржи. Сепак, следниот ден, г-динот Браунинг побарал и добил оставка од д-р Шнан, велејќи дека не може да работи со некого кој јавно не ја осудува оваа партија. Тој кажа дека д-р Шнан му рекол оти едноставно бил преплашен да излезе во јавноста и да зборува против Баат.

„Тој се плаши дека на крајот партијата Баат би можела да се врати на власт или дека постои некое тајно баатистичко движење, кое би можело да му наштети нему или на членовите на неговото семесјтво“, рече г-динот Браунинг.

И други Ирачани велат дека исто така се плашат од последици поради нивната соработка со членовите на Баат во минатото. Еден бизнисмен за Гласот на Америка изјави дека станал член на партијата од понизок ранг за да ги избегне малтретирањата од режимот на Садам Хусеин. Сега вели тој, би сакал да работи во привремената администрација. Но стравува дека членството на партијата ќе се врати и ќе го гони. Иронијата, вели тој, е во тоа што некогаш се плашел оти не е член на Баат, а сега тој се плаши затоа што бил дел од неа.

XS
SM
MD
LG