Линкови за пристапност

Во Јапонија, расте продажбата на производите за разубавување - 2003-05-19


Јапонската економија можеби е во криза, но тоа не се гледа во продавниците за козметика. Јапонските жени со радост плаќаат стотици долари за мали теглички со луксузен крем за лице. Производителите на козметика брзаат да извадат нови производи со исклучително високи цени.

Шигеми Конака е 43-годишна службеничка во Токио. Ланскиот вишок пари таа ги потроши на производ за разубавување што долго го посакуваше.

Таа купи "Cle de Peau la Crème," крем за лице на Шисеидо, најголемиот јапонски призводител на козметика. Госпоѓица Конака вели дека никогаш не се колебала заради цената од 450 долари за 25 грама, што е поскапо од цената на златото.

„Мислев дека е добро да инвестирам во себе. Не можам повеќе да бидам лежерна во одржувањето на мојата кожа заради возраста. Кремот има добар ефект и јас сум многу задоволна. Вреди да се потроши толку многу со оглед на големата разлика што можам да ја видам на лицето за една вечер“, вели госпоѓица Конака.

После шест месеци таа откри дека не може без кремот.

Додека продажбата во супермаркетите, главната мерка за потрошувачката на Јапонците, опадна за 4,2 проценти во декември минатата година, продажбата на производи за разубавување е во пораст. Шисеидо пријави дека продажбата на нивниот скап крем пораснала за 20 проценти во споредба со претходната година. Компанијата очекува продажбата да се зголемува и годинава.

„Кремот е популарен кај жените на возраст од доцните 20-ти до 40-ти години. Тие го купуваат затоа што лесно може да видат дека нивната кожа се обновува за краток временски рок“, изјави Риуко Шиоја, портпарол на Шисеидо.

Таа вели дека кремот е скап заради неговиот имиџ и цената на производството. Кремот е направен од девет видови на ензими, за кои Шисеидо вели дека помагаат да се отстранат брчките и кожата да се одржува во добра состојба.

Јапонските жени се повеќе работат надвор од дома и поголемиот дел од помладите не се мажат се до доцните 20-ти или 30-ти години. Тоа значи дека имаат приходи на располагање и ги користат за да купуваат скапи производи како награда за тоа што многу работат.

Шисеидо излезе со линија на луксузни кремови за лице пред две години. Оттогаш конкурентските компании го следат овој пример.

Косе е друга козметичка компанија, која својот најпознат крем за лице го продава по цена од 759 долари за 45 грама. Компанијата вели дека ужива во неочекуваниот пораст на продажбата.

Според податоците на производителот на козметика Као, јапонскиот пазар за козметика во 2001 година бил тежок речиси 10 милијарди долари. Производите за нега на кожата најмногу се продаваат, што не е случај со западните земји, каде доминира продажбата на парфеми. Стратезите за маркетинг велат дека во Јапонија совршениот тен е симбол за убавина.

Јапонската побарувачка на ефикасни производи ги привлекува странските компании, како француската Лореал и Проктер и Гембл од САД.

Лореал воведе серија скапи кремови минатата година. Компанијата е изненадена дека нејзиниот најскап крем “Продиџи“ е успешен, иако се продава по 150 долари за тегличка.

„Јапонија е главниот пазар, на кој Хелена Рубинштајн остварува 20 отсто од профитот. Причината е што јапонските жени се позаинтересирани да употребуваат косметика за да се разубавуваат. Во другите земји, постарите жени трошат повеќе пари на себе. Но младите Јапонки многу ја следат модата и покажуваат голем интерес за скапи производи“, вели Јумико Кикучи портпарол на Хелена Рубинштајн, една од најскапите марки на Лореал.

Едно неодамнешно истражување преку Интернет во Јапонија покажа дека повеќето јапонски жени се подготвени да платат до 160 долари за крем за лице. Околу 10 проценти велат дека можат да потрошат 450 долари или повеќе за разубавување.

Познатиот јапонски стручњак за козметика, Каори Јакоу вели дека скапите кремови ја заслужуваат цената. Но таа додава дека тие не одговараат на секаков вид на кожа. Некои жени се алергични на хемикалиите во кремовите.

XS
SM
MD
LG