Линкови за пристапност

Рамсфелд: Фокусот во Ирак да се насочи на стабилизација и реконструкција на земјата - 2003-05-02


На враќање oд еднонеделниот престој во Ирак и Авганистан, американскиот државен секретар Доналд Рамсфелд накусо ја посети Британија каде разговараше за стабилизацијата и реконструкцијата во Ирак.

Подвлекувајќи дека главните воени операции во Ирак се завршени, секретарот Рамсфелд кажа дека фокусот сега мора да биде повоената реконструкција.

„Ќе имаме онолку трупи во земјата колку што е потребно за да видиме дека тоа е доволна безбедна и либерална средина, за да се одвиваат процесите на хуманитарна помош и реконструкција, така што ирачкиот народ ќе може да формира некаков вид на привремена влада и на крај постојана власт“, истакна американскиот секретар за одбрана.

Г-динот Рамсфелд имаше заедничка прес-конференција со својот британски колега, Џефри Хун, по средбите на кои присуствуваше и британскиот премиер, Тони Блер.

Американскиот секретар за одбрана беше запрашан за улогата на ОН во повоен Ирак.

„Коалиционите сили се во контакт со ОН и генералниот секретар, преку министерствата за надворешни работи и претпоставувам дека во периодот што следува, тие ќе водат интензивни дискусии за тоа каква улога ОН можат или можеби не сакаат да имаат. Лично, се надевам дека тие ќе имаат улога“, рече г-динот Рамсфелд.

Некои земји сакаат ОН да имаат централна улога во повоен Ирак, но САД не се согласуваат со оваа идеја.

Во моментов, коалиционите сили се обидуваат да воведат безбедност и да ги повратат локалните услуги. Британскиот секретар за одбрана, Џефри Хун, кој минатата недела престојуваше во Ирак, вели дека британските трупи стационирани околу јужните градови Басра и Ум Касар, можат да бидат модел за наредната фаза од коалиционите операции.

„Имаме значително присуство на теренот. Британските трупи тесно соработуваат со локалните припадници на секоја од заедниците за кои сме одговорни. Имаме заеднички состаноци на воените и локалните лидери. Тие зборуваат за тоа какви промени, какви подобрувања сакаат да видат во нивната инфраструктура. Ние работиме тоа и да го реализираме“,истакна британскиот секретар за одбрана.

По прес-конференцијата во Лондон, секретарот Рамсфелд замина за Вашингтон, откако, покрај Ирак и Авганистан, ги посети и Саудиска Арабија, Кувајт и Катар.

XS
SM
MD
LG