Линкови за пристапност

Односи САД - Куба - 2003-04-28


Тензиите меѓу САД и Куба достигнаа највисоко ниво во последнава деценија. Владата на Буш ги осуди кубанските власти за акција против дисидентите во земјата, додека Куба ги обвини САД дека се мешаат во нејзините внатрешни работи и дека провоцираат конфликт што може да доведе до војна меѓу двете држави.

Изминатиот месец, Куба осуди голем број дисиденти на затворски казни до 28 години и погуби три лица кои неуспешно се обидоа да киднапираат патнички фериброд на пат за САД.

Ова предизвика реакции од страна на американската влада, организациите за заштита на човековите права, како и од Ватикан.

Во петокот, кубанскиот претседател Фидел Кастро нападна со бунтовнички тон. Комунистичкиот лидер кажа дека строгите мерки се неопходни за заштита на Куба од обидите на САД и кубанските азиланти да ја дестабилизираат земјата.

Господинот Кастро вели дека апсењето на неколку десетици платеници, кои ја предале татковината за привилегии и за пари од САД и смртната казна за обичните криминалци кои грабнале брод во Хаванскиот Залив со пушки и ножеви, биле резултат на заговор раководен од американската Влада и терористичката мафија во Мајами.

Тој кажа дека кубанските власти не носат никаква одговорност за ситуацијата, и ги обвини САД за, цитираме, “злокобниот“ заговор да се предизвика конфликт.

На Институтот за кубански студии на Универзитетот во Мајами, професорот Хајми Сушлики вели дека никој не треба да биде изненаден од акциите на господинот Кастро: „Фидел Кастро го угнетува кубанскиот народ периодично во изминатите 43 години. По периоди на репресија, следат периоди на толеранција, по што повторно следат периоди на репресија. Ова не е ништо ново. Тој не ги сака дисидентите или оние кои се против него. Ниту еден тоталитарен лидер не прифаќа опозиција или критики.“

Куба особено се жали дека САД охрабруваат акции како грабнувањето на ферибродот, со тоа што дозволуваат сите што ќе стигнат на американска територија да останат таму, речиси без оглед на средствата што ги употребиле за да стигнат во САД. Владата на Кастро исто така протестира и поради тоа што голем број на барања за визи на Кубанците кои сакаат легално да емигрираат во САД се уште не се решени.

Дагоберто Родригез од Канцеларијата што ги претставува кубанските интереси во Вашингтон, неодамна ги обвини САД дека се обидуваат да создадат, цитираме, “кризна ситуација“, со тоа што поттикнуваат и собираат дисиденти од островот. Господинот Родригез додаде дека неговата Влада немала друг избор освен да стори се што е неопходно за домашната безбедност: „Ние се надеваме дека пораката што ќе ја добие американската Влада од оваа ситуација е дека нема начин да се наметне нејзината волја во Куба“.

Господинот Родригез вели дека спорото издавање на визи може да предизвика масовен егзодус на Кубанци преку море.

Овие изјави не поминаа незабележано во Вашингтон, каде што администрацијата на Буш кубанската реторика ја смета како проѕирна закана за прилив на илегални имигранти, доколку САД преземат казнени мерки против Куба поради казнувањето на дисидентите.

Но не се сите загрижени. Портпаролот на Кубанско-американската национална фондација во Мајами, Џо Гарсија, се сомнева оти Владата на Буш ќе дозволи некој да ја уценува. Тој вели:„Оваа администрација нема намера да биде измамена. Оваа администрација всушност кажа дека на хаотичната миграција ќе биде одговорено со уредна репатријација. Тоа значи дека Кастро нема да може да и се заканува на јужна Флорида со стотици илјади Кубанци“.

Професорот од Универзитетот во Мајами, Сушлики го споредува казнувањето на дисидентите со чистките што ги вршеле други диктатори при крајот на своето владеење: „Тоа е тоталитарен режим што на крајот го прави истото што Мао го правеше во Кина, и Сталин во Советскиот сојуз: елиминирање на опозицијата, пред новата генерација да ја преземе власта. Затоа мислам дека ова е промислен потег на Фидел“.

Хајми Сушлики вели дека Фидел Кастро е определен да го заштити своето наследство со тоа што ќе го обезбеди евентуалниот трансфер на власта на друг верен комунист: неговиот брат Раул. За да ја постигне оваа цел, тврди господинот Сучлиски, Фидел Кастро избра да ги замолчи оние кои најгласно се залагаат за демократија по неговата смрт.

XS
SM
MD
LG