Линкови за пристапност

Влијанието на војната во Ирак врз растот на американската економија - 2003-04-22


Се поставува прашањето дали војната врз Ирак ќе има поттикнувачко влијание на американската економија. Владиниот буџет за одбраната за дополнување на опремата и материјалите користени во војната заедно со обновата на инфраструктурата во Ирак веројатно ќе значи повеќе работа за американските комапнии во блиска иднина. Но, ваквото трошење веројатно има и лоша страна. Според Гери Бекер од Универзитетот во Чикаго, добитник на Нобеловата награда за економија, војната би можела да има двостран ефект врз американската економија.

"Од една страна, ние трошиме средства за војната, претпоставувајќи дека во Ирак ќе има мир и нема да има проблеми. Ова се ресурси кои произлегуваат од економијата. Значи тоа се трошоци. Од друга страна, тука е цената на нафтата: доколку добиеме зголемено производство од страна на Ирак по обновата на капацитетите, цената на нафтата ќе падне. Значи се на се, доколку повоената реконструкција не се покаже многу скапа, сметам дека ефектот од војната во Ирак врз американската економија ќе биде мал", вели г-динот Бекер.

Првичните предвидувања за цената на обновата на Ирак ја надминуваат сумата од 100 милијарди долари. Прашањето е кој ќе ја плати. Дали војната и обновата ќе постави долгорочна финансиска брана врз американската економија? Според економистот Кен Голдстин од Конференцискиот борд во Њујорк, цената на Ирак е само дел од грижите на американската економијата. „Буџетскиот дефицит и онака е голем, не само поради Ирак и неизбежно и кумулативно ќе продолжи да биде товар за американската економија“, вели г-динот Голдстин.

Тензиите во Советот за безбедност на ОН и најголемиот дел од Западна Европа и САД, пред војната, доведоа до јавен бојкот на производите на обете страни од Атлантикот. Некои економисти стравуваат дека заладените дипломатски односи на релација САД-Европа и другите делови од светот би можеле да се прелеат и во економската сфера.

Едвард Лемер од Универзитетот на Калифорнија во Лос Анџелес и директор на Anderson Forecast, што се занимава со економски и бизнис проекции во САД, вака гледа на ситуацијата:

„Имаме повеќе од 400 милијарди долари годишно кои се влеваат во САД од странство. Тоа е повеќе од четири проценти на бруто домашниот производ, што е голема надворешна нерамнотежа. Доколку глобалните инвеститори, поради политичките проблеми меѓу САД и другите делови од светот, почнат да губат верба или интерес во американските хартии од вредност, тоа ќе значи многу, многу голем проблем за кусо време", смета тој.

Вилијам Рајнх, претседател на Националниот совет за надворешна трговија во Вашингтон го минимизира влијанието на политичките американско-европски тензии. Тој аргументира дека проблеми во трговските разговори постоеле и пред војната, како на пример во однос на земјоделството. Тој вели дека ќе биде потребен голем труд САД да се вратат таму каде што биле, но во никој случај не смета дека тоа ќе е фатално.

Меѓу економистите постои големо несогласување околу влијанието на војната во Ирак и војната против тероризмот врз американската економија и глобализацијата. Но многумина набљудувачи се согласуваат дека трансферот на човечкиот капитал и идеи би можел да биде најзасегнат. Она што го загрижува г-динот Рајнх се новите патнички и имигрантски ограничувања во САД и во светот.

"Една од причините за големиот и долгорочен просперитет на оваа земја е приливот од секаде. Ги добивме најдобрите луѓе од целиот светот, понекогаш тие доаѓаат тука на колеџ, и потоа се враќаат назад. Но додека се тука, тие не прават посилни. Не прават посилни и кога ќе се вратат назад, бидејќи понесуваат многу од нашите вредности и нашиот начин на размислување. Сега сме во процес на намалување на сето тоа. Само за една генерација, силно ќе се почувствува разлика во начинот на кој нашата земја се перцепира во странство, во желбата на луѓето да работат со и воопшто - да не разберат, да дојдат овде и да додадат на нашата сила", вели г-динот Рајнх.

Во ирачкиот повоен период и во екот на борбата против тероризмот, многума аналитичари се согласуваат дека ќе дојде до промени на меѓународниот економски растеж и на меѓузависноста. Засега, велат многумина набљудувачи, на повидок е бавен, но стабилен пораст.

XS
SM
MD
LG