Линкови за пристапност

Реакции во САД за убиството на српскиот премиер - 2003-03-12


Претседателот Џорџ Буш изрази сочуство на народот на Србија заради убиството на српскиот премиер Зоран Ѓинѓиќ. Во соопштението од Белата куќа се вели дека премиерот Ѓинѓиќ ќе биде запаметен по неговата улога демократизацијата на Србија , како и при изведувањето на поранешниот претседател Слободан Милошевиќ пред Трибуналот за воени злосторства во Хаг. Во врска со овој трагичен настан реагираше и американскиот Стејт Департмент. “Шокирани сме и обземени со тага од убиството на премиерот Зоран Ѓинѓиќ“, изјави за Гласот на Америка портпаролот Филип Рикер. Во врска со воведувањето на вонредна остсојба во Србија, тој кажа дека е потребно да се преземат сите мерки за расветлување на овој трагичен настан. “Уверени сме дека политичките лидери ќе ги продолжат суштинските напори на премиерот Ѓинѓиќ. Секако САД и натаму се посветени да и помогаат на Србија да ги спроведе економските и политичките реформи што ќе ја одведат во посветла и просперитетна иднина во Европа, а во дух на наследството на премиерот Ѓинѓиќ и неговото бестрашно лидерство. Неговата храброст и визија ќе ни недостасува на сите“, изјави Рикер. Политичките експерти за Балканот, овде во Вашингтон, оценуваат дека овој ужасен настан би можел да поттикне големи политички промени. Јанош Бугајски, директор за Источно-европски студии во Центарот за стратешки и меѓународни студии во Вашингтон вели дека претстои период на нестабилност не само во Србија, туку и во регионот. “Србија се наоѓа среде голема политичка криза. Не само што немаат претседател, туку не можат ни да изберат, а сега е убиен и премиерот. Тоа е криза затоа што нема политичко раководство, затоа што оној кој беше најмногу про-реформски, прозападен елемент во Белград сега е мртов. Тоа ја отвора можноста за нови избори, на кои националистите и поранешните социјалисти би можеле да остварат подобри резултати. Исто така создава ситуација на беззаконие не само во Србија, туку и визави регионот, или со други зборови, српските односи со соседите ќе бидат дестаблизирани, како резултат. Значи, се работи за голема криза, би рекол, за централните држави во централен Балкан“, смета Бугајски. Со овој став се согласува и Боб Хенд од Хелсиншкиот одбор во американскиот Конгрес, кој додава дека сепак по овој трагичен настан Србија би можела да тргне во позитивна насока. “Би можело да уследат немирни времиња, додека српските политичари се обидуваат да ја пополнат настанатата празнина. Меѓутоа овој настан би можел да ја поттикне зголемената општа поддршка кон реформскиот курс, за која се залагаше премиерот Ѓинѓиќ. Лично се надевам дека граѓаните на Србија, по низа атентати и со очигледно присуство на организираниот криминал и други негативни елементи, дека ќе заклучат оти им е доста од тоа и дека се неопходни промени, особено во спроведување на владеењето на законот, изјави Хенд. Чарлс Инграо, професор на Универзитетот Пердју во Индијана исто така изразува надеж дека атентатот на српскиот премиер ќе ги забрза реформите во Србија. “Една од поуките во овој дел на Србија кој не сака да ја преземе одговорноста за положбата во која се најде земјата, и вината ја префрла на други, е дека треба да се запрашаат дали е во ред граѓаните на Србија да живеат во услови во кои се вршат атентати врз политичките лидери, додека, пак, други беа вмешани во воени злосторства. На тој дел на Србија очигледно му претстои многу работа. По ова страшно убиство на Србија и се отвора можност да докаже дека може и сака да ги отстрани и последните остатоци од времето на Милошевиќ“, изјави за Гласот на Америка професорот Инграо.

XS
SM
MD
LG