Линкови за пристапност

Апсењето на Калид Шеик Мохамед - 2003-03-06


Следува уреднички коментар што одразува гледишта на американската Влада.

Калид Шеик Мохамед, еден од водачите на терористичката мрежа Ал-Каида, беше заробен од пакистанските власти на 1-ви март, заедно со уште двајца осомничени терористи. Мохамед во моментов се наоѓа во американска надлежност.

Во 1996-та година, американски суд покрена обвинение против Калид Шеик Мохамед за планирање на бомбашки напади врз американски патнички авиони. Тој е поврзан со нападите врз САД на 11-ти септември, 2001-ва година, во кои загинаа над три илјади луѓе од преку 90 држави. Тој е поврзан и со други терористички напади што се дело на Ал-Каида, меѓу кои и бомбарадирањето на американските амбасади во Кенија и Танзанија во 1998-та година. Во овие напади загинаа стотици луѓе, а илјадници беа повредени. Портпаролот на Белата куќа, Ари Флејшер го нарече Калид Шеик Мохамед “клучен планер на Ал-Каида и организатор на нападите од 11-ти септември“.

Само неколкумина ја познаваат толку добро Ал-Каида како Калид Шеик Мохамед. Тој играше главна улога во регрутирањето и обуката на терористи на Ал-Каида и во планирањето на напади, како на пример првиот бомбашки напад врз Светскиот трговски центар во 1993-та година. За тој напад беше обвинет неговиот внук, Рамзи Јусеф. Јусеф беше уапсен на Филипините, под обвинение дека во 1995-та година, заедно со Калид Шеик Мохамед и останати лица планирал да подметне експлозив во 12 патнички авиони на пат за САД.

Според висок претставник на германската полиција, терористот што ја постави бомбата во синагогата во Тунис во април 2002, му се јавил по телефон на Калид Шеик Мохамед три часа пред нападот. Постојат извештаи дека Мохамед лично го убил новинарот на Вол Стрит Џурнал, Даниел Перл минатата година во Пакистан. Терористите на Ал-Каида, кои се наоѓаат во американски притвор, наводно тврдат дека Мохамед раководел со обидите на Ал-Каида за набавка на радиолошко оружје за масовно уништување.

Апсењето на Калид Шеик Мохамед е тежок удар за мрежата Ал-Каида, еден од неколкуте удари што и беа зададени изминатата година. Во април 2002-ра, пакистанските власти го упасија и го предадоа на САД Заин ал-Абидин Мохамед Хусеин, познат како Абу Зубајда. Тој играл една од главните улоги во организирањето на терористичките напади на 11-ти септември. Припадникот на Ал-Каида кој помогнал во финансирањето на овие напади, Рамзи Биналшиб, беше уапсен во Пакистан во септември 2002-ра. Во текот на минатата година, пакистанските власти уапсија околу 500-тини лица осомничени дека се припадници на Ал-Каида.

Апсењето на Калид Шеик Мохамед треба да претставува јасен сигнал дека САД ќе продолжат да дејствуваат со нивните сојузници се додека сите терористи на Ал-Каида не бидат изведени пред правдата.

Тоа беше уредничкиот коментар што одразува гледишта на американската Влада. Доколку имате свој коментар на него, Ве молиме испратете го на адреса:

Editorials, VOA Washington DC 20237 USA

Можете да реагирате и на адреса:

www.IBB.gov/editorials

или пак на факс: 202 619 1043

XS
SM
MD
LG