Линкови за пристапност

Можно заострување на американско-турските односи - 2003-02-20


Турскиот министер за надворешни работи, Јашар Јак’ш, потврди дека пред вторник наредната недела нема да се гласа за тоа дали на американските војници да им се дозволи да се распоредат во Турција. Според министерот Јак’ш, одлагањето на гласањето произлегува од спротиставените ставови на Турција и САД околу потенцијаланата улога на Анкра во евентуалната војна во Ирак.

Г-динот Јак’ш спомена и дека несогласувањата меѓу овие две земји произлегуваат и од висината на пакетот економска помош што Турција ја бара од Вашингтон, за да ги ублажи последиците од конфликтот во Ирак. Тој сепак инсистираше дека финанаскискиот аспект не е главната причина за несогласувањата, како што беше соопштено во турските и странските медиуми, велејќи дека преговорите со Вашингтон околу ова прашање се уште се во тек.

Од друга страна пак, висок американски претставник во Вашингтон кажа дека иако САД не поставиле рок, сакаат од Турција итно да добијат одговор околу распоредувањето на американските војници.

Аналитичарите велат дека информацијата од Анкара навидум уште повеќе ќе ги заостри турско-американските односи.

Американскиот државен секретар Колин Пауел изјави дека очекува одговор од Турција до крајот на денот. Тој додаде дека САД и натаму цврсто стојат на својот став, изразувајќи надеж дека може да се изнајде, цитираме, креативно решение за надминување на разликите со Анкара.

За потсетување, администрацијата на претседателот Буш веќе 11 месеци преговара со Турција околу нејзиниот можен придонес во евентуалната војна во Ирак. Вашингтон сака Турција да дозволи распоредување на американските трупи, за оттаму да можат да влезат во северен Ирак што е под контрола на Курдите, каде би можеле да отворат втор фронт против ирачките сили.

Според турскиот закон, за да се распоредат странски трупи во земјата, потребна е дозвола од Парламентот, Владеачката партија за правда и развој, која има силно мнозинство во турското собрание, го зеде американското барање со извесни резерви, особено поради фактот што во земјата преовладува расположение против евентуалната војна во соседен Ирак.

Друга грижа за турските политичари и воени лидери се веројатноста Курдите во северен Ирак да го искористат соборувањето на Садам Хусеин од власт за да се обидат да формираат нивна независна држава.

Турција, како членка на НАТО и земја со доминантно муслиманско население, може да одигра клучна улога во каква и да е воена акција против Ирак под американско раководство, како што беше случај за време на Заливската војна во 1991-та година.

XS
SM
MD
LG