Линкови за пристапност

Криза на кредибилитетот на НАТО - 2003-02-11


НАТО западна во криза по одлуката на Франција и Германија, што ја подддржа и Белгија, да го блокираат американскиот предлог Алијансата да направи план за одбрана на Турција во случај на војна со Ирак.

Виш американски официјален претставник вели дека за блокирањето „нема оправдување“. Американскиот амбасадор во НАТО, Николас Брнс, пак, кажа дека блокадата создава „криза на кредибилитетот“.

Вашингтон во пракса може самиот да обезбеди противвоздушни и ракетни одбранбени системи за Турција. Но, аналитичарите велат дека САД бараат поддршка од НАТО зашто тоа ќе даде поголема политичка тежина на бескомпромисниот став на Вашингтон по однос на ирачкото разоружување.

Но, Алијансата се подели во мислењата. Британија и САД велат дека Ирак единствено ќе се разоружа под кредибилна закана од воен напад. Франција и Германија тврдат дека инспекторите за оружје на ОН можат да обезбедат отстранување на наводното ирачко оружје за масовно уништување, доколку им се даде доволно време.

Гери Симор, кој е стручњак за контрола на оружјето при Лондонскиот меѓународен институт за стратешки студии, вели дека иднината на трансатлантската алијанса сега зависи - од ирачкиот претседател Садам Хусеин.

„Доколку Садам не соработува или создава пречки за инспекторите, тогаш, мислам дека ќе биде можно за клучните држави на транатлантската линија да се здружат и да заземат заеднички став околу употребата на сила. Но, доколку Ирак продолжи да пружа доволно соработка за да спречи постигнување на консензус во Њујорк, и САД појдат во војна без благослов на Советот за безбедност, мислам дека тоа би довело до прилично суштинска поделба во НАТО. Не дека тоа никогаш нема да биде залечено, но сигурно ќе биде проблем што ќе не следи некое време“, објаснува г-динот Симор.

Портпаролот за одбрана на британската опозициона Конзервативна партија, Мајкл Анкрам, за британското радио кажа дека под знак прашање е ставен основниот концепт на НАТО како заеднички пакт за одбрана.

„Не сакам да кажам дека тоа е крај на НАТО, но мислам дека го крева прашањето за решеноста на членките меѓусебно да се бранат. Да бев на местото на Турција, би бил мошне изненаден, како член на НАТО, да дознаам дека моите партнери велат оти нема да ми помогнат да се бранам“,истакна г-динот Анкрам.

Некои стручњаци на несогласувањето во НАТО гледаат во поширок контекст. Тие велат дека Франција сака да предводи во европскиот дел на Алијансата, заедно со Германија и Русија, како противтежа на американската доминација во НАТО.

Друг фактор, вели аналитичарот за одбрана Пол Бивер, е што Франција има значителен нафтен интерес во Ирак, и што не сака да го изгуби поради Американците.

„Клучно во сево ова - а Франција тоа го знае, е дека Американците сакаат да ја употребат Турција за влез во Ирак. Французите сакаат да спречат такво нешто бидејќи се надеваат на добри односи со арапскиот свет, и на уште една важна работа - нафтата“, смета г-динот Бивер.

Стручњаците предвидуваат дека натрупувањето на американските сили во регионот на Персискиот залив треба да заврши до почетокот на март. Тие велат дека тоа може да изврши поголем притисок врз дипломатите и претставниците на НАТО да се обидат да ги надминат разликите колку што е можно побргу, со цел да се одржи трансатлантскиот сојуз.

XS
SM
MD
LG