Линкови за пристапност

Средба на министерката Илинка Митрева со државниот секретар Колин Пауел - 2002-12-10


Министерката Митрева кажа дека го информирала американскиот државен секретар за приоритетите на новата македонска влада, меѓу кои ги наброи одржувањето на мирот и стабилноста, потоа, како што подвлече, искрената имплементација на Охридскиот договор, владеењето на правото, борбата против корупцијата и организираниот криминал, економските реформи и стратешките интеграции во НАТО и ЕУ.

Македонија има американска поддршка за нејзиниот регионален пристап во евро-атлантските структури, кажа македонскиот шеф на дипломатијата.

„Ја имаме големата поддршка на САД, што стигна уште на Прашкиот самит, за интеграцијата на Македонија во НАТО. Тие ја поздравуваат нашата одлука да дадеме специјален импулс на регионалната соработка, имајќи ги предвид Албанија и Хрватска и начинот на кој би ја институционализирале таа соработка. Стана збор и за потпишување на повелба меѓу трите земји, каде својот потпис би го ставиле и САД, како што беше случајот со трите балтички земји - членки на Вилнус групата“.

Основен предуслов за сите реформи пред кои стои Македонија, според министерката Митрева, е надминување на буџетскиот дефицит со помош на Вашингтон. „Побаравме да помогнат во динамиката на прилагодувањето на Македонија кон решавањето на буџетскиот дефицит. Новата Влада на Македонија е решена цврсто да продолжи со реформите. Огромниот буџетски дефицит што го наследуваме бара една флексибилност во намалувањето на долгот, со оглед на тоа дека не би сакале да се создадат дополнителни социјални тензии“, изјави Митрева.

САД, според г-ѓа Митрева, го поздравиле обележувањето на границата и решавањето на практичните проблеми на луѓето кои живеат во пограничните области.

На прашањето за американскиот став за неодамнешниот напад врз почесниот македонски конзулат во Карачи, Пакистан, министерката Митрева рече: „Господинот Пауел се интересираше за тој напад во Карачи, кој практично претставува прв напад врз едно дипломатско-конзуларно претставништво на Македонија воопшто. Јас му ги пренесов информациите што ги имаме од нашиот почесен конзул околу убиствата на тројцата службеници, околу експлозијата и околу написите што беа најдени на ѕидовите, што имплицираат дека станува збор за луѓе кои евентуално се професионално врзани со терористички организиации“.

По средбата, министерката Митрева и државниот секретар Пауел го потпишаа Договорот за заштита и зачувување на одредени културни сопствености меѓу Македонија и САД. Министерката Митрева својата посета на САД ја завршува в четврток, а за утре таа има закажано средба со вториот човек во американскиот Национален совет за безбедност, Стивен Хадли.

XS
SM
MD
LG