Линкови за пристапност

Генетско истражување по трагите на Александар Велики - 2002-11-08


Александар Велики имал успех онаму каде Советскиот Сојуз немаше – тој го освоил Авганисатан. Долж маршрутата на своите походи тој подигал градови, каде ги сместувал војниците кои биле премногу стари или премногу болни да го продолжат освојувањето на нови територии, вели господинот Метју Леминг, британски писател и истражувач. Во изјавата за Гласот на Америка на македонски јазик професорот Леминг наведува дека во соработка со Центарот за генетска антропологија и Одделот за биологија при Универзитетскиот колеџ од Лондон, врз групи луѓе од неколку земји ќе се прави споредбено истражување на обележувачите на ипсилон хромозомот, кој е карактеристичен само за машкиот пол и кој од таткото на синот главно се пренесува непроменет.

Тој минатата година ја посетил областа Панхир во Авганистан и бил мошне изненаден од тенот и фацијалните одлики на одреден број деца кои имале европски одлики, различни од црномурестиот азијатски изглед на повеќето Авганистанци. Така се наложи прашањето, вели британскиот професор, дали овие деца се потомци на трупите на Александар Велики?

„Земаме неколку стотици примероци во Авганистан што потоа се делат во две групи: Едната е од денешното население кое живее во или во близина на местата познати како антички Александрии, а другата е група луѓе од области каде Александар не пошол. Од антички извори познато ни е дека Александар основал четири града во Авганистан, наречени Александрија, како на пример оној кој денес носи име Ај Канум и се наоѓа на границата помеѓу Авганистан и Таџикистан. При ископувањата на Французите во 1960-та година, откриена е аристократска гробница каде биле закопани луѓе чии имиња биле македонски. Исто така познато ни е дека кралството во Панхир траело околу 150 години по владеењето на Александар. Не постои причина дека овие антички податоци не се точни. Ќе бевме изненадени ако денес не најдевме генетски траги на овие луѓе и ова е целта на експериментот, што пропратно е поврзан и со Македонија. Потребни ни се македонски гени за да видиме дали можат да се поврзат или воопшто се слични со кој и да е ипсилон хромозом на мажите од Авганистан“, објаснува професорот Леминг.

За да се добие статистички валиден заклучок, тој за потребите на истражувањето минатата недела ја посетил и Македонија, а планира да престојува и во Грција. Господинот Леминг смета дека со земањето широк спектар на примероци, вклучувајќи ја и ДНК-та од денешните Македонци, заклучоците во истражувањето за потомците на Александар Велики ќе бидат поставени на мошне солидна основа.

Во Скопје, тој соработува со професорот Мирко Спироски, директор на Институтот за имунобиологија и генетика при Медицинскиот факултет, како и со Македонската академија за науки и уметности.

Професорот Спироски појаснува дека се земени примероци од мажи кои живеат на, како што ги нарече, типични места.

„Направивме испитувања на генетски материјал од јужниот дел на денешна Македонија, а тоа беа местата за кои се знае дека имаат затворена структура на население. Тое се луѓето од село Вевчани, од Велестово, Охридско, потоа во околината на Вардарски рид, а тоа значи Гевгелија, Валандово и селата околу Исарот, како и од една трета група која е некаде во струмичко, и е поврзана со Бежанците. Тоа се луѓе кои по Втората балканска војна пребегале од Егејска Македонија во струмичкиот дел“, вели професорот Спироски.

За таканаречените замки што можат да произлезат од ваков вид на испитување, професорот Спироски нагласи: „Јас инсистирав материјалот што ќе биде собиран од нашите луѓе да биде со потпишана дозвола од секој поединец, согласно етичките норми на Европската комисија за земање генетски материјал. Уште инсистирав да имаме дупликат од примерокот што ќе се чува во нашата македонска банка за хумана ДНК и ќе може евентуално подоцна да биде спореден со резултатите што би се добиле во Институтот за антропологија во Лондон. Значи, инсистирав на едно легализирање на земањето на материјалот. Господинот Леминг за среќа се согласи на овие услови“.

Професорот Спироски очекува првите резултати од ова испитување да бидат познати во јануари наредната година.

XS
SM
MD
LG