Линкови за пристапност

Буш оптимист дека резолуцијата за Ирак ќе мине во ОН - 2002-11-07


Претседателот Буш во четвртокот продолжи да лобира за резолуцијата во телефонските разговори со претседателите на Русија и Франција, Владимир Путин и Жак Ширак. Претседателот Буш по разговорите на новинарите им изјави дека е оптимист и дека очекува Советот за безбедност на Обединетите нации да реагира во однос на Ирак.

„Резолуцијата што ја предложивме е нова строга резолуција. Таа говори за материјалните прекршувања, за инспекцијата и за сериозните последици доколку Садам Хусеин продолжи да му пркоси на светот и не се разоружа“, кажа американскиот претседател.

Од друга страна, ирачката државна телевизија ја пренесе изјавата на претседателот Садам Хусеин дека САД и Британија мора да бидат запрени пред да започнат да ги наметнуваат „злите намери“ ширум светот.

Британија ја поддржува американската резолуција. Русија и Франција инсистираат на Ирак да му се даде можност да соработува со инспекторите за оружје пред Обединетите нации да овластат употреба на сила. Нивните гласови се клучни, бидејќи Русија и Франција, заедно со Кина, Британија и САД имаат право на вето како постојани членки на Советот за безбедност. Ревидираната американска резолуција навидум посветува внимание на тој факт, со тоа што повикува на итна седница на Советот за безбедност на која би се дискутирало за натмошна акција, доколку инспекторите за оружје известат за сериозни прекршувања од ирачка страна.

„Многу луѓе се надеваат дека нема да има војна. Јас исто така се чувствувам. Се надевам дека нема да дојде до војна. Се надевам дека ова ќе се разреши мирно. Меѓутоа од Садам Хусеин зависи што ќе избере. Исто така сакам да ве потсетам дека ако треба да употребиме трупи, ако тоа биде неопходно за да го разоружаме, САД со пријателите брзо ќе се организираат да ја завршат работата. Не треба да се грижите за тоа“, изјави претседателот Буш.

Тој најави дека презема поинаков приод кон Северна Кореја, која минатиот месец призна дека има програма за нуклеарно оружје што е во спротивност со договорот со САД од 1994 година.

Господинот Буш вели дека со секоја закана треба да се постапи одвоено: „Со Северна Кореја имаме друга стратегија, која во основа е дека ќе работиме со соседните земји за да ја убедиме Северна Кореја дека не е во интерес на светот да развива нуклеарно оружје“. САД, кажа американскиот претседател, заедно со Јапонија, Јужна Кореја и Кина вршат притисок врз Северна Кореја да се откаже од програмата за нуклеарно оружје. Господинот Буш најави дека за истото прашање ќе разговара и со рускиот претседател Путин при посетата на Европа наредниот месец.

XS
SM
MD
LG