Линкови за пристапност

Македонски книги во американската Конгресна библиотека


Македонски книги во американската Конгресна библиотека
Македонски книги во американската Конгресна библиотека

Конгресот ја основал 1800-та година, со почетен фонд од 5.000 долари, како информативен извор за пратениците на Капитол Хил. Во 1814-та паѓа жртва на пожарот што го подметнале британските сили при инвазијата на Вашингтон. Накусо потоа, пензионираниот претседател Томас Џеферсон и` ја подарува својата богата колекција собирана по светот, и Конгресната библиотека го прифаќа неговиот концепт на универзалноста, со што се удрени нејзините темели како глобален храм на знаењето.

Во фондот од вкупно 130 милиони примероци има 29 милиони каталогизирани книги и друг печатен материјал. Речиси половината е на 460 различни јазици во светот. Библиотеката е дом и на најголемата светска колекција на правни материјали, филмови, мапи и аудио и визуелен материјал, меѓу што и преку 12.000 филмови.

<!-- IMAGE -->

Целиот фонд е распореден во три згради кои го отсликуваат архитектонскиот стил на времето кога библиотеката е издградена. Во најстарата, именувана Томас Џеферсон, се наоѓа европската читална и јужнословенската колекција. Предраг Пајиќ, виш библиотекар, речиси 20 години се грижи за неа. Вели - збирката на македонски книги е најголема надвор од Македонија:

-Македонските книги и списанија ги добиваме на два начини, преку купување на наслови, и со библиотечна размена со истакнати институции од Македонија.

Годишно, библиотеката откупува 1.000 наслови, а исто толку добива и со размена со Народната и Универзитетска библиотека во Скопје. Пајиќ не знае со сигурност колкав е вкупниот број на насловите на македонски, но вели дека имало години кога се набавувале и по 5.000 наслови. Тој е сведок дека многумина истражувачи кои се интересирале за Македонија - започнале од тука.

<!-- IMAGE -->

Конгресната библиотека го дигитализира фондот, со тоа правејќи го достапен на Вашиот компјутер. Книгите префрлени во електронска верзија се стари најмалку 75 години, што значи дека веќе немаат заштитени авторски права и корисниците на Интернет можат слободно да ги употребуваат. На пример, преку каталогот може да се најдат фотографии направени во Македонија во 19 и 20 век.

Институцијата е партнер и во проектот Светска дигитална библиотека: www.wdl.org/en/

-Тоа е проект на УНЕСКО, што е презентација на колекции на седум земји, на најважните библиотеки од светот.

Иако македонскиот јазик се` уште не е застапен во овој проект, Пајиќ вели дека верува дека тоа ќе се случи наскоро.

За да ја користите библиотеката треба да бидете полнолетни.A aко тоа го правите преку вашиот компјутер, за секој случај проверете и придржувајте се до издавачките права, иако дигитализираниот материјал во основа е за слободно користење.

XS
SM
MD
LG