Линкови за пристапност

Нови понуди за помош во грчко-македонскиот спор


По српскиот претседател Борис Тадиќ, посредништво во спорот мегу Македонија и Грција понудија и словенечкиот премиер Борут Пахор и шефот на австриската дипломатија Михаел Шпинделегер.

Решавањето на грчко-македонскиот спор е важен процес за стабилизацијата и интеграцијата на целиот регион, се пораките на државниците кои сакаат да помогнат со посредување мегу Атина и Скопје.

Во саботата доцна вечерта ненајавено во Скопје допатува словенечкиот премиер Борут Пахор. Повикувајќи се на словенечките искуства од споровите со Италија и Хрватска, Пахор изрази подготвеност на располагање да ги стави капацитетите на словенечката дипломатија.

„Доколку македонската страна оцени дека Словенија на кој и да е` начин може да помогне да се дојде поблиску до решавање на тоа прашање, ние сме подготвени да помогнеме, доколку за тоа ќе биде подготвена македонската, но и грчката страна. Додека овој спор не биде решен, проблемите ќе продолжат и ќе се продлабочуваат“, изјави Пахор.

Во неделата стаса слична понуда и од официјална Виена. Министерот за надворешни работи на Австрија Михаел Шпинделегер изрази уверување дека уште во текот на пролетта ќе биде изнајдено решение за проблемот.

„Се надевам на конкретни резултати“, изјави Шпинделегер, кој најави и дека наредната недела со грчки официјални преставници во Европската унија ќе почне „иницијатива за Западен Балкан“. Првиот австриски дипломат вели дека целта е земјите од регионот, посилно отколку досега, да учествуваат во ЕУ, односно да се приближат на Унијата.

Македонскиот премиер коментираше на понудите велејќи дека се добродојдени.

„Во наредниот период ќе правиме максимални обиди и напори да дојдеме до одредено решение што ќе го деблокира процесот на европски интеграции на Република Македонија и евроатлантските интеграции и во тој контекст ние сме подготвени да прифатиме сечија помош доколку може од некаде да дојде“, кажа Груевски.

Во меѓувреме, ништо ново во релациите мегу Скопје и Атина. Двете страни не успеаа да ги приближат своите позиции кон компромисно решение по интензивните дипломатски напори на посредникот Метју Нимиц како и на другите меѓународни фактори. Неуспехот да се дојде до решение го оневозможи Европскиот совет, што се одржа на крајот од минатата година, на Македонија да и` додели датум за почеток на преговорите за членство. Шефовите на држави и влади на земјите-членки на ЕУ заклучија дека прашањето за отпочнување на преговорите ке биде разгледано повторно во текот на шестмесечниот мандат на шпанското претседателство со ЕУ. Притоа, Советот стави јасно до знаење дека зелено светло за преговорите за членство ќе биде можно само доколку дојде до приближување на ставовите мегу Скопје и Атина.

XS
SM
MD
LG