Истражувачите разгледувале резултати од поранешни студии за дејството на два вида антидепресанти. Студиите вклучиле пациенти со длабока депресија, умерена и лесна форма на болеста. На некои им било дадено антидепресант, а на други лажна пилула.
„Најдовме дека кај пациентите со полесни форми на депресија, лекарствата не биле многу покорисни од лажните пилули. Кај пациентите со посилно изразена депресија, тие имаале силно влијание“, вели Џеј Форнјар, кој раководел со проектот.
Лекарите се остро поделени по прашањето како да се третираат пациентите со помалку сериозни симптоми на депресија. Студијата не дава препораки за третман, но има импликации на третманот.
„Се надевам дека една ваква студија ќе ги натера на претпазливост медицинските лица, дека степенот на болеста е важен фактор што треба да се земе предвид при планирање на третманот“, коментира психијатарот Стјуарт Сотски, кој е автор на едно од истражувањата вклучени во ревизијата.
Сотски вели дека лица со умерена депресија може да имаат корист од антидепресанти, но студијата покажа дека многу други можат да ги постигнат истите резултати со вежбање, разговорна терапија, групи на поддршка или со методи на самопомош.
“Иако можеби тие нема да реагираат на антидепресанти, добра вест е што има други, ефикасни третмани што може да се применат“, смета Сотски.
Студијата е објавена во Журналот на Американското медицинско здружение.