Линкови за пристапност

ЕУ ја започнува Новата година со нов лик


Празнична сезона е во Брисел. Белгијанците и туристите се шетаат по божиќните пазари што продаваат топло, зачинето вино и познатите белгиски вафли. Застануваат пред елката на украсениот централен плоштад.

Овие европски ритуали се случуваат во време на големи промени во Европа. За прв пат, Европејците имаат постојан претседател на Европската унија, поранешниот белгиски премиер Херман Ван Ромпи, кој ја презема функцијата на први јануари. Тие имаат нов шеф за надворешна политика на ЕУ и нови комесари, а по години застој европските влади конечно го ратификуваа пактот наречен Лисабонски договор што го обврзува целиот блок.

Сепак, многу истражувања на јавно мислење покажуваат дека не се ретки тие што не го поддржуваат договорот и европските институции што ги претставуваат. На парламентарните избори во јуни излегоа на гласање рекордно мал број гласачи, помалку од половина од Европејците со право на глас.

Фредерик Мише ја следи апатијата кај гласачите како директор на студиите за јавно мислење на париски институт ИФОП. Мише вели дека многу Европејци веруваат дека ЕУ е само огромна бирократија. Најголем дел од Европејците никогаш не чуле за нивниот нов претседател, Ван Ромпи, ниту пак за новиот шеф за надворешна политика Кетрин Аштон од Британија.

Британскиот турист Дин Кершо, кој за Божиќ е во Брисел со семејството, вели дека ЕУ е повеќе пречка отколку што е корисна. Тој вели дека се радува што Британија не е дел од евро-зоната, за која е убеден дека направила се`да е поскапо.

Европските претставници велат дека вредно работат да им објаснат на луѓето што е Европската унија. Канцеларијата на европскиот парламент во Париз, на пример, започна да организира граѓански собири низ франција за да објасни што прави парламентот.

Портпаролот на Европскиот парламент Доминик Роберт вели: „ Мислам дека луѓето не разбираат до која мерка Унијата им дава заштита. Особено на потрошувачите. Особено по прашања на заштита на човековата средина. Ако сеуште имаме земјоделие што е важно на економско ниво, тоа е затоа што постои Заедничка земјоделска политика. Има многу прашања што не би постоеле на позитивен начин доколку Европа не постои."

Аналитичарот од лондонската Школа за економија Иан Бег вели дека ЕУ е фокусирана на туркање на институционални промени со години. За него не е чудо што Европејците не забележуваат што се прави. Но сега, со Лисабонскиот договор на сила, тој очекува да види акција.

Бег вели дека конференцијата од Копенхаген е еден од многуте примери за поживата Европска унија. Иако Европа не усеа да обезбеди силна и обврзувачка климатска спогодба, тој вели дека нејзините граѓани гледаат оти ЕУ е „добриот" во разговорите за загадување, туркајќи за промени во оваа сфера што тие ги поддржуваат.

XS
SM
MD
LG