Линкови за пристапност

Депресијата да се лечи со фокусирање на позитивното


Лицата задолжени за јавно здравје ширум светот стануваат се` посвесни за големиот товар на депресијата врз луѓето, а со тоа и на системите за здравствена заштита. Според Светската здравствена организација, депресијата ги онеспособува лицата со хронични заболувања и им ја влошува состојбата.

Ново истражување фрла светло на тоа како депресијата ја менува хемијата на мозокот. Ричард Дејвидсон, кој е на чело на Одделот за мозочно скенирање на Универзитетот во Висконсин, користел техника што покажува каде најмногу протекува крв во мозокот кога е во активна состојба. Тој го вршел истражувањето на две групи – волонтери, и луѓе со депресија. Обете гледале прикази на активности што предизвикуваат пријатни чувства, на пример мајка во прегратка со дете.

Дејвидсон и неговиот тим истражувале дел од мозокот што е познат како најактивен кога се доживува задоволство. Тие утврдиле дека луѓето кои немаат депресија забележале поголема и потрајна активност во таа област на мозокот.

„Кај пациентите со депресија имаше споредливо зголемување на активноста во областа, но таа мошне брзо опаѓаше и не успеваа да ја одржат во подолг период“, вели Дејвидсон.

Спосоноста на лицето да одржи продолжена активност во овој дел од мозокот е добра прогноза за нивното расположение – независно дали е позитивно или негативно, смета Дејвидсон и наведува дека тоа има важни импликации за лекувањето. На пример, многу пациенти во депресија само периодично се јавуваат за помош кај психијатар или друг лекар. Потоа можеби ќе се почувствуваат подобро за час-два, но тоа чувство исчезнува. Дејвидсон подвлекува дека луѓето со депресија имаат потреба од поконзистентни позитивни активации во мозокот:

„Можеби имаат потреба од потсетник, секој час, да се фокусираат на позитивни емоции и да евоцираат неодамнешни позитивни настани, за да одржат позитивни емоции на подолг период “, препорачува Дејвидсон.

Овој истражувач смета дека би биле корисни покуси терапевтски сесии, распределени во различни делови на денот, отколку една подолга. Тоа би можело да биде и во форма на испраќање позитивни текстуални пораки до депресивните луѓе или некаков друг вид на постојан потсетник - да се фокусираа на позитивни чувства и сеќавања.

Давидсон вели дека следен чекор е како лекарствата во ваков контекст може да им помогнат на луѓето со депресија да станат попозитивни. Неговото истражување е објавено во рамки на Журналот на Националната академија на науки.

XS
SM
MD
LG