Линкови за пристапност

ЕУ ја одложи одлуката за интеграција на Македонија 


Советот на министрите на ЕУ по дводневно заседание одлучи за евентуален датум за почеток на преговори со Македонија да расправа повторно во текот на наредното

Финалните заклучоци на Советот на ЕУ за Македонија гласат дека Унијата ја уважува препораката на Европската комисија за отпочнување на претпристапни преговори со Македонија и ќе се наврати на прашањето во текот на следното претседателство.

Одржувањето добрососедски односи, вклучувајќи и заеднички прифатливо решение за името, останува од суштинско значење. ЕУ е охрабрена од последните позитивни случувања на релација Скопје - Атина, се вели во финалното соопштение на министрите на ЕУ. Советот на министрите во документот исто така нагласува дека од Македонија се очекуваат нови напори во борбата против корупцијата и обезбедувањето на независност на судскиот систем.

За шведското претседателство, ваквото решение на Советот претставува компромис помеѓу сите инволвирани страни. За ЕУ, велат во Брисел, било многу важно да се одреди некаква временска рамка за Македонија и тоа е постигнато, иако таа временска рамка е многу полабава од првичниот предлог - март 2010-та.

Грција се надеваше на исход сличен на Букурешт, според кој датумот за преговори би бил експлицитно условен од решавање на спорт со името.

„Долго време сме сведоци на решавање на ова прашање. Ако имате ситуација каде едната страна е премногу задоволна, а другата премногу депримирана, тоа предвидува појава на проблем. Но, ако и двете страни покажуваат интерес и желба за успех и се подготвени на компромис, тоа е добар знак дека еден ден ќе успеат да ги надминат сите проблеми. Ние го имаме токму ова. Имаме ситуација каде двете страни се чекор понапред до конечна задоволителна цел", изјави шведскиот министер за надворешни работи Карл Билт, додавајќи дека тоа е краен резултат на компромисот.

„Токму тоа ќе ја однесе чекор напред и Европа, и овој дел од Европа. На ова треба да гледате како на знак на охрабрување и многу важно движење нанапред во следните неколку месеци за тоа конкретно прашање", рече Билт.

Премиерот Груевски, кој беше во Брисел, на овие заклучоци регаираше со незадоволство.

„Не сме многу изненадени, но овој пат е направен малку пософистициран начин отколку она што беше на Самитот во Букурешт, иако можноста да се навратат на прашањето за името во наредните шест месеци остава надеж дека нешто можеби ќе се приближи во тој правец. Ќе останеме во делот на разговорите околу изнаоѓање на решение, но ако Грција мисли дека ова ќе им го реши проблемот, со блокада или на ваков начин ќе ги решат проблемите, се покажа и во минатото дека не се решаваат на ваков начин. Тоа е неевропско однесување. Тие веројатно тоа не го прифаќаат и затоа се однесуваат на ваков начин", рече Груевски.

Грчката агенција АНА-МПА наведува дека грчкиот заменик министер за надворешни работи Димитрис Друцас и кипарскиот министер за надворешни работи Маркос Кипријану во заедничка изјава изразиле задоволство од финалните заклучоци на Советот на ЕУ. Друцас наводно рекол дека грчкиот премиер Јоргос Папандреу во текот на денот требало да има телефонски разговор со неговиот македонски колега Груевски.

Груевски реплицираше и на коментарите во домашната јавност дека Македонија пропушта шанса во процесот на интегрирање во ЕУ.

"Сите оние коишто критикуваат дека сме пропуштиле некоја историска шанса, морам да им одговорам дека пропуштената шанса е практично себебришење од мапата на нациите и бришење на сопствениот идентитет, на сопствениот народ, така што од тој аспект ништо посебно не сме пропуштиле, но се надевам дека во иднина ќе се укажат некои други шанси дека во Грција ќе почнат да дуваат поинакви ветрови", изјави Груевски.

Дека е пропуштена шансата тврди водачот на опозициониот СДСМ Бранко Црвенковски. Точно е, рече Црвенковски, дека Грција, злоупотребувајќи го членството во ЕУ и НАТО, не` уценува и блокира, но со самосожалување не се води држава напред, изјави Црвековски, обраќајќи се директно до премиерот.

„Господине Груевски, вие сте премиер на Република Македонија и сите наши граѓани со право очекуваат од вас да ги решавате проблемите, а не да им објаснувате колку ви е тешко и кој се е виновен што не сте успеале. Затоа, уште од утре зафатете се со работа. Конечно дефинирајте ја вашата црвена линија и запознајте ја македонската јавност со неа", изјави Црвенковски.

За среда напладе, организација на средношколци најави протест пред Канцеларијата на ЕУ во Скопје, за да искаже незадоволство од одлуката на Советот на министрите.

XS
SM
MD
LG