За конференцијата во Копенхаген се смета дека е последна шанса за постигнување договор, но има сомневања дали тоа навистина ќе случи.
Групите за заштита на човековата средина ќе притиснат за итна акција, вели Чарли Кроник, советник за климатски прашања при Гринпис на Велика Британија:
„Потребено е постигнување договор за намалување на емисијата на издувни гасови во развиени земји што е можно побргу. Исто така потребна е значителна заложба за финансирање од развиените во земјите во развој –во областа на технологија, во заштитата на шумските богатства, како и за адаптирање на климатските промени, многу повеќе отколку што сега се прави“, вели тој.
Целта е да се намали емисијата на издувни гасови, што се смета дека влијае на затоплувањето на атмосферата. Бидејќи индустриски најразвиените земји во светот се и најголеми загадувачи, врз нив е и најголемиот притисок да го намалат испуштањето на штетни гасови.
Но, потребна е акција и од земјите во развој. Тие, пак, за возврат бараат финансиска помош да ја направат транзицијата.
Обете групи на земји треба да соработуваат, вели Ник Нутал, портпаролот на програмата за заштита на животната средина при ОН:
„Од средбите во Копенхаген очекуваме глобално партнерство меѓу Северот и Југот, меѓу индустриски развиените земји од една страна и земјите во развој од друга страна, како дел од кооперативен партнерски договор, што е единствен начин да се справиме со овој проблем.“
Но, политиката често е пречка за ваквите намери, вели Чарли Кроник од Гринпис:
„Владите и политичарите општо земено гледаат на акциите во рамки на нивниот мандат.Често забораваат дека е подобро да се потрошат пари сега отколку многу повеќе во иднина.“
Договорот од Копенхаген треба да го замени протоколот од Кјото во 1997-ма и да ја намали емисијата на издувни гасови. Тој истекува во 2012. Некои велат дека Кјото бил осуден на пропаст од самиот почеток бидејќи САД никогаш не го потпишаа.