Линкови за пристапност

ОН: Хендикепираните лица се соочуват со големи пречки


ОН проценуваат дека има меѓу 670 и 800 милиони луѓе, што е над 10 проценти од светската популација, кои имаат хендикеп или имаат таков член на семејството. Околу 80 проценти од хендикепираните живеат во земји во развој.

И покрај големите цифри, поборниците за заштита на човековите права велат дека лицата со хендикеп во најголем дел минуваат незабележани. Тие страдаат од дискриминација и стигматизација. Тие се меѓу најсиромашните во светот. Живеат на маргините на општеството.

Мохамед ал Таравнех е претседавач со Комисијата на ОН за права на лицата со хендикеп:

„Тоа е постојана борба за нас - лицата со хендикеп. Ние спиеме со хендикепот и кога ќе се разбудиме наутро – го имаме истото чувство. Предизвик е за сите лица со хендикеп да продолжат понатаму“, вели тој.

Во 1976-та, кога Ал Таравнех имал 16 години, го скршил рбетот во автомобилска несреќа во Багдад. Но, тоа не го спречило да стане инженер и поборник за правата на хендикепираните. Тој вели дека лицата со хендикеп се способни како и сите други:

„Не сме како сите. Продуктивни сме и можеме да дејствуваме. Адвокати сме, лекари, дипломирани од Харвард, инженери. За нас нема ограничувања.“

Конвенцијата за правата на лицата со хендикеп е најнова и една од најбрзо прифатените спогодби за заштита на човековите права. Откако стапи на сила во 2008-ма, досега ја ратификувале 75 држави.

Во документот не се вметнати нови права за нив. Но, во 50 точки се покриени прашања кои имаат цел да го подобрат животот на луѓето со хендикеп. Во конценцијата се содржани правата кои тие ги имаат во образованието, здравствената заштита, работата, слободата на движење.

Обединетите нации и поборниците за заштита на човековите права ги повикаа државите да ги усвојат и спроведат законите и политиката кон хендикепираните, која е дел од конвенцијата.

Тие велат дека лицата со хендикеп не бараат само материјали во писмена форма туку сакаат да ја преземат контролата врз нивните животи, а ќе бидат во можност да го прават тоа само доколку владите им дозволат да работат во сопствен интерес.

XS
SM
MD
LG