Линкови за пристапност

Дваесет членки на НАТО ќе испратат засилувања во Авганистан


Портпаролот на НАТО Џејмс Апатурај за новинарите изјави дека членките покажале јасна определба за поддршка на претседателот Обама со новата стратегија во Авганистан, и тоа не само на зборови:

„Можам да потврдам дека имаме преку 20 држави кои најавија или покажаа индикации дека имаат намера да го зголемат бројот на војници што го имаат во Авганистан. Со ова ќе се зголеми цифрата од 38.000 војници, колку што во моментов има од Алијансата, имајќи предвид дека таа цифра веќе два пати се зголемува“

Апатурај рече дека врз основа на дискусиите во изминатите два дена, бројот на војници од НАТО може лесно да ги надмине првично планираните 5.000, како што предвидуваше генералниот секретар Андерс Фог Расмунсен.

Со ова НАТО ќе има вкупно 140.000 војници.
Апатурај зборуваше на почетокот од дводневната средба на министрите за надворешни работи на членките на НАТО во Брисел. Додека повеќето од европските држави ги поздравија плановите за зголемување на бројката војници, Германија и Франција не изразија подготвеност за зголемување на силите.

Но, неколку други членки на НАТО, особено Италија, Полска, Чешката република и Словачка се согласија да ги засилат редовите на нивните трупи во во Авганистан.

Средбата на НАТО ќе биде фокусирана и на друго клучно прашање – испраќање обучувачи во Авганистан за да се подобрат бројот и капацитетот на авганистанските армија и полиција.

„Од министерската средба ќе слушнете силна поддршка за транзицијата на авганистанските безбедносни сили.
Очекувам од тука да произлезе нов мпулс, точно во областа на обуката. На тој начин транзицијата ќе се претвори во реалноста“, изјави портпаролот Апатурај.

Министрите за надворешни работи дискутираа за напредокот што Грузија и Украина го направија кон зачленување во НАТО.

Авганистан се очекува да доминира на утрешната дебата и државната секретарка Хилари Клинтон ќе ги брифира министрите за стратегијата на администрацијата во Вашингтон. Министрите ќе разговараат за новите области на соработка со Русија, како и за новиот американски пристап кон противракетниот одбранбен штит.

XS
SM
MD
LG