Линкови за пристапност

Фатмир Бесими: Инвеститорите ги интересираат интеграционите процеси


Доколку Република Македонија побрзо стане членка на ЕУ и НАТО, тоа ќе биде уште еден голем, позитивен сигнал за инвеститорите дека е стабилна и има јасна позиција за идниот економски раст, вели министерот за економија Фатмир Бесими во интервјуто за Гласот на Америка, за време на посетата на Вашингтон. Тој говори и за реформите во земјата на економски план, начинот на кој се справува Владата со предизвиците од глобалната економска криза, како и за одгласот од разговорите во Вашингтон.

Глас на Америка: Како претставниците од Светската банка, Стејт департментот, но и од дијаспората, со кои се сретнавте во Вашингтон, ја оценуваат досегашната реформска агенда на владата на Република Македонија?

Фатмир Бесими: Со еден збор, тие се задоволни за успешното спроведување на оваа амбициозна агенда, за реформите за подобрување на деловната клима во Република Македонија, како и нашите активности за промоција на РМ како атрактивна бизнис-дестинација. Ги запознав одблиску со досегашните реформи, како и со мерките за ублажување на ефектите од глобалната криза во РМ, кои се конзистентни со нашата програма за економски развој. Со еден збор, има добри оценки. Тоа го потврдуваат и меѓународните референтни извештаи како што се Дуинг бизнис, Светскиот економски форум, Конкурентност, Транспаренси интернешенал и Индексот за економска слобода.

Глас на Америка: Според спроведените реформи во бизнис-сферата, РМ добро котира, не само во регионот, но и во светски рамки, на пример, според извештајот на Дуинг бизнис. Но, отсуствуваат странски инвестиции. Зошто?

Фатмир Бесими: Има неколку причини. Една од причините што ја одбележа оваа година е глобалната економска криза што влијаеше и кај инвеститорите од земјите каде што потекнува. Недостатокот на капитал на глобално ниво поради кризата имаше влијание врз некои инвеститори да ги одложат нивните инвестиции, а некои да направат промени во нивните инвестициони политики.

Другиот момент, што исто така има значајно влијание за инвеститорите, покрај реформите, политиките и даночната политика за деловната клима, се интеграционите процеси, односно предвидливоста на политичките процеси што се водат во регионот. Ние сметаме дека извештајот на ЕУ за напредокот на РМ за започнување на преговори со препорака за датум е исклучително добар сигнал и добар знак за инвеститорите. Доколку РМ реално и де факто ги започне преговорите во брз временски период, тоа ќе има позитивно влијание кај инвеститорите. Тоа го кажаа и инвеститорите, и компаниите, и приватниот сектор, а и Стејт департментот и останатите институции го потврдуваат истото и и` даваат поддршка на РМ во овие интеграциони процеси.

Глас на Америка: Каде има простор за подобрување на инвестиционата клима?

Фатмир Бесими: Тука има неколку аспекти – она што го добивме од Диунг бизнис, и она што го дискутиравме сега. Едно е во делот на судството, значи правдата. Понатаму, во делот на лиценци за градба, како и во затворање на бизнис, односно законот за стечај, како и влезот и излезот од пазарот да е пофлексибилен и поефикасен. Значи, ова се трите главни сфери каде што во наредниот период РМ Владата ќе биде фокусирана на брзи реформи, со цел уште подобро да се одвиваат и да бидеме уште поатрактивна бизнис-дестинација.

Глас на Америка: Дали пролонгирањето на разговорите за разликите за името меѓу Македонија и Грција негативно се одразува врз привлекувањето странски инвестиции во земјата?

Фатмир Бесими: Сигурно дека решавањето на ова прашање ќе биде позитивен сигнал за процесот на интеграција на РМ. За жал, тој процес сега е поврзан со овие преговори што се водат во врска со решавање на името. Инвеститорите ги интересираат интеграционите процеси. Доколку РМ побрзо стане членка на ЕУ и НАТО, тоа ќе биде уште еден голем, позитивен сигнал за инвеститорите дека Македонија е стабилна и има јасна позиција за идниот економски раст. Тоа дефинитивно влијае врз одлуката на инвеститорите да инвестираат во РМ. Битно е дека Македонија може да биде еден фактор на стабилноста во регионот, како што тоа беше споменато од страна на Стејт департментот. Беше поздравено започнувањето на дипломатските односи со Косово, како еден сигнал на конструктивноста на РМ како земја во регионот што има конструктивен пристап кон отворените прашања и рационален пристап. Сметаме дека тоа ќе носи позитивни поени генерално за сите интеграциони процеси на РМ. Од економски аспект е искучително важно за инвеститорите - што е главна компонента за растот во иднина во РМ - отворањето на работни места и создавање на една конкурентна економија за идните позиции на РМ во рамките на европскиот пазар.

Глас на Америка: Во Вашингтон сте во време кога се` уште трае светската економска криза. Како се одразува таа врз Македонија?

Фатмир Бесими: Глобалната економска криза во Македонија, за разлика од развиените земји, каде што почна од финансискиот сектор, па се одрази врз реалниот сектор, се случи обратно. Имавме релативно стабилен финансиски сектор. Кризата се одрази преку надворешната трговија и потоа врз реалниот сектор. Потоа, поради намалената економска активност, намалената ликвидност на економијата се одрази и врз финансискиот сектор со зголемување на каматните стапки, што дополнително ја оптовари економската активност во РМ, а посебно малите и средни претптијатија кои потешко доаѓаат до капитал. Меѓутоа, ние во овој период, во тие пакети на антикризни мерки се обидовме да обезбедиме дополнителен капитал преку задолжување во Европската инвестициона банка со 100 милиони евра, каде и комерцијалните банки ќе се вклучат со дополнителни 100 милиони евра за да создадат дополнителен капитал за поддршка на економските активности и на мали и средни претпријатија во РМ. Генерално, работиме и на други аспекти во интензивен и близок дијалог со бизнис-заедицата за подобро надминување на ефектите од глобалната криза врз нашата економија.

XS
SM
MD
LG