Генералниот секретар на НАТО, Андреас Фог Расмусен остро го осуди инцидентот и изрази сочувство за ирачката влада и ирачкиот народ.
Генералниот секретар на ОН, Бан Ки-мун, бомбашките напади ги нарече „бесчувствителни и несфатливи акти на насилство“. Тој додаде дека целта на напаѓачите е да го попречат процесот на опоравување во Ирак.
Американскиот претседател Барак Обама телефонски разговараше со ирачкиот премиер Нури ал-Малики и претседателот Џалал Талабани, изразувајќи сочувство за загинатите и осудувајќи ги нападите. Обама ја повтори поддршката на САД за Ирачаните додека траат подготовките за изборите во јануари.
Изминатава година во Ирак е забележано значително намалување на насилството, но властите предупредуваат за можно зголемување на бројот на нападите, воочи изборите наредната година.