Линкови за пристапност

Репортери без граници:  Македонија најдобро рангирана балканска земја


Во својот годишен извештај, влијателната меѓународна група за мониторинг на слободата на медиумите, Репортери без граници, ги осудува, како што ги нарекува, опаднатите стандарди за слобода на печатот во делови од Европа, Блискиот Исток и Африка.

Репортери без граници, со седиште во Париз во својот годишен извештај објавен во вторникот, наведува дека Европа и натаму ги држи првите 13 места на листата земји со највисоки стандарди за правата на медиумите.

Македонија, се наведува во извештајот, напреднала за осум места, со што е најдобро рангирана балканска земја. Македонија се наоѓа на 34 место со 8,75 негативни поени. Рангирањето опфаќа вкупно 175 земји во светот. САД се на 20-то место.

По Македонија од земјите во регионот најдобро рангирана е Грција, по што следат Словенија, Босна и Херцеговина, Романија, Србија, Бугарија, Косово и Црна Гора.

На првите пет места на листата на Репортери без граници се наоѓаат северноевропските држави - Данска, Шведска, Ирска, Норвешка и Финска - кои немаат ниту еден негативен поен.

Во извештајот се критикува Франција за упадите во новински куќи и апсења на новинари, додавајќи дека новинарите во Италија, Шпанија и Хрватска и натаму работат под постојана физичка закана.

Репортери без граници додаваат дека новинарите во Иран страдаат најмногу досега под режимот на претседателот Махмуд Ахмадинеџад.

Во извештајот се посочува на, како што се нарекува, „ефектот Обама“ за подобрениот третман на новинарите во САД.

XS
SM
MD
LG