Линкови за пристапност

Алан Гринспен: сликата со невработеноста е „ужасна“


Поранешниот претседавач со федералните резерви, Алан Гринспен, изрази загриженост за растечката невработеност во САД, но кажа дека верува оти претстои опоравување од најдолгата и најдлабока економска рецесија во периодот по Втората светска војна.

Најпознатиот економист во САД, поранешниот шеф на централната банка, Алан Гринспен, беше директен во оценката за петочниот извештај на Одделот за труд кој посочи дека стапката на невработеност е 9,8 проценти со повеќе од четвртина милион загубени работни места во септември:

„Извештајот за невработеноста е ужасен, независно како гледате на него", рече Гриспен.

Тој предвиде дека невработеноста ќе надмине 10 проценти во следните месеци.

Гринспен подвлече дека не само што продолжува загубата на работни места, туку и цифрата на Американци кои немаат работа последните шест месеци или подолго, значително пораснала. Пролонгираната невработеност претставува голем товар врз семејствата, додека големиот број невработени ја погодува економијата во целост.

„Економијата губи вештини. Запомнете дека она што економијата ја прави добра е комбинација на капитални добра на економијата и луѓето што ја водат. Ако ги еродирате човечките вештини, тоа е непоправлива загуба„, кажа Гринспен на телевизиската програма на ЕјБиСи телевизијата „Оваа недела".

Сепак, Гринспен се приклучи на хорот економисти кои велат дека рецесијата која почна кон крајот на 2007-ма, најверојатно завршила. Поранешниот шеф на федералните резерви верува дека САД ќе регистрираат стапка на економски растеж од три проценти или повеќе за време на актуелниот квартал октомври-декември.

Разочарувачките цифри од одделот за труд доаѓаат повеќе од половина година откако претседателот Обама го потпиша масовниот план за стимулирање на економијата во висина од 787 милијарди долари.

На истата програма на ЕјБиСи телевизијата се појави и републиканскиот сенатор Џон Корнин од Тексас За него стимулативниот план се покажал неуспешен во постигнување на целта поставена од претседателот. Тој рече дека планот требало да значи стапката на невработеност да не се искачи над осум проценти.

Демократскиот сенатор Шарлс Шумер од Њујорк не се согласува:

„Пред да биде потпишан стимулативниот план", кажа тој, „имавме по 700.000 до 800.000 загубени работни места месечно. Тоа се намалува."

Во време кога Вашингтон разгледува дополнителни начини за промовирање на економскиот растеж, Ален Гринспен предупредува на претпазливост: „Ако премногу се трудите, ефектот може да биде контрапродиктивен. Според мене, подобро да се почека и да се види како ќе се развива ситуацијата што веќе почна да оди напред".

Поранешниот претседател на Федералните резерви и овој пат изрази нелагодност во врска со растечкиот национален долг, за што рече дека на крајот ќе се одрази на каматните стапки и потенцијалот за економски растеж на економијата на државата.

XS
SM
MD
LG