Никој не е сосема сигурен што ќе биде решено на овој Самит на Групата 20 што започна синоќа со работна вечера на светските лидери, а денес продолжува на пленарна седница во Центарот за конвенции Дејвид Лорес во Питсбург, сојузната држава Пенсилванија. Едно е сигурно - околу пладне лидерите ќе излезат собрани околу американскиот претседател Барак Обама за специјалната фото-сесија, а попладне по американско време, тој ќе одржи прес-конференција.
Отсуството на големи одлуки на Самитот, на кои клучни зборови се баланс и одржливост за да се обезбеди глобален растеж што ќе биде отпорен на кризи како оваа што конечно почна да попушта, не го попречува Питсбург да ужива во моментот на светско внимание. Официјалните лица на градот со кои разговаравме велат дека Самитот ги става на мапа – за инвестирање, за живеење, за туризам.
Ден Онорато, највисокиот избран претставник на општината Алигени и растечка политичка ѕвезда во САД, наведува дека тука веќе има 340 странски компании, но кога светот ќе види што тука се случува, експонирањето ќе ги интензивира активностите.
Градоначаникот на Питсбург, најмлад во САД на оваа функција, 29-годишниот Лук Равенстaл, од Самитот очекува две работи. Најпрвин, да се изнесе пред светот приказната за трансформираниот Питсбург, кој долго го носел имиџот на индустриски, загаден, валкан град во чист, зелен град и прекрасно место за живеење. Со тоа доаѓа и другата придобивка, иако денес е тешко да се квантифицира, но долгорочно гледано, ние ќе имаме голема корист од ова, вели тој.
Но, иако Питсбург е навистина голема успешна приказна во САД, овие два дена не личи на себе. Улиците, училиштата и бизнисите се затворени, граѓаните седат дома, а демонстрантите се надвор – обезбедување, полиција, барикади насекаде.
Тоа сепак не ја обесхрабрува Беверли Мороу Џонс, извршен директор за маркетинг и комуникации, која ни кажа - уште една причина повеќе да дојдете повторно - дојдете како турист - ќе посакате да живеете тука.