Американското вселенско летало Дискавери се враќа на Земјата, по осумдневната мисија за време на која достави и намирници до Меѓународната вселенска станица.
Американскиот астронаут Тим Копра ја напушта станицата и со Дискавери се враќа на Земјата, а на негово место останува друг американски астронаут, Никол Стот.
Дискавери до Меѓународната вселенска станица достави опрема тешка речиси 8.000 килограми, вклучувајќи резервоар со амонијак за системот за ладење на станицата. Во рамки на мисијата беа изведени и неколку научни експерименти. Шатлот се очекува да слета на Вселенскиот центар Кенеди во Флорида, во четврток.
НАСА планира уште шест дополнителни шатл летови пред наредната година да ги приземји вселенските возила. Потоа, за достава на намирници до Меѓународната вселенска станица ќе се користат руски и приватни вселенски програми.