Вонредниот професор по психијатрија на Универзитетот Колумбија во Њујорк, Македонецот Горазд Росоклија раководи со проектот за отворање на центар за психијатриски заболувања во Македонија, што ќе овозможи прецизна дијагностика.
Во разговорот за Гласот на Америка на македонски, д-р Росоклија вели - секој научник се обидува да вклопи камче во мозаикот против болестите и страдањата.
Д-р Горазд Росоклија е речиси 20 години во САД, каде се занимава со истражување на психијатриски заболувања. Тој е специјалист по неврологија и психијатрија. Работи на отворање центар за електронска микроскопија во Македонија, што ќе биде финансиран од Националниот институт за здравје на САД, и каде ќе се проучува ултраструктурата на мозочното ткиво кај пациенти кои боледуваат од шизофренија:
„Проектот за електронска микроскопија е добиен и во наредните две години, почнувајќи од септември, ќе доаѓаат македонски научници да бидат школувани за работата со електронска микроскопија и за интерпретација на добиените резултати. Кога ќе се формира центарот во Македонија ќе имаме готови експерти.“
Овој проект e вреден 260.000 долари. Друг, поскап проект, од еден милион долари, ќе започне во декември и е од областа на невропатологија кај душевните заболувања.
Д-р Росоклија го проучувал протеинот МАП2 кај луѓе што страдаат од шизофренија и вели дека неговата група научници докажала дека кај овие болни, за разлика од поранешното верување, постојат мозочни промени што отварило нови хоризонти за третман на болеста:
„МАП2 беше примарниот протеин кој го изучував поради што ме поканија во САД. Но, наодите на редуциран имуноекпресијален МАП2 доведе да се заинтересирам за дендритот, бидејќи МАП2 се наоѓа во него, или во превод, да откријам што се случува со неговата морфологија. Затоа што не постоеше адекватна техника за анализа на дентритот, јас работев една година на хемијата на една техника која даде фантастични резултати во визуелизирање, прикажување на невронот, дентритот и нервните иглички и таа техника ја патентирав под мое име, а зад кој патент стои Универзитетот Колумбија. Таа техника ќе ни даде одговор на многу прашања, но анализите се релативно бавни“.
Основна идеја на сите проекти што ги носи во Македонија е да им овозможи на младите луѓе да се едуцираат, вели Росоклија.
За актуелната дебата за реформи во здравствениот сектор во САД, тој вели дека од колегите не чул никој да е против секој американски граѓанин да има пристап до здравствено осигурување, што сега не е случај.
„Не е логично најбогата земја во светот, со најдобра медицина во светот, неспоредливо подобра од било која земја во која сум бил – Франција, Шведска, Швајцарија, да нема здравствено осигурување за сите свои граѓани. Тоа е незамисливо. Тоа што се случува сега е дебата меѓу корпоративната Америка, која сака да ги задржи старите профити и привилегии, од една страна и еден млад претседател опкружен со најпаметните луѓе што може да се соберат во Америка. Мора да се случат промени. САД мора да бидат како и сите други развиени земји, со здравствена нега за своите граѓани. Јас не знам ниту еден лекар на Универзитетот Колумбија во Њујорк да е против реформите во здравствениот систем на САД“, вели д-р Росоклија.